Нови 100 амбулантни возила добива итната медицинска помош во државата

by irena 13:30
13:30

Нови 100 амбулантни возила добива итната медицинска помош во државата, надлежните се во преговори за уште 50 дополнителни во 2027 година.

Премиерот Христијан Мицкоски при денешното промовирање на паркингот на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје посака што помалку да се користат овие возила.

– Се разбира, колку помалку се користат, тоа значи дека ќе имаме толку помалку случаи што треба да се третираат со овие возила. Но, онаму каде што е потребно, убеден сум дека со овие возила побргу ќе се стигнува и ќе се интервенира многу попрецизно имајќи предвид опремата што ја поседуваат овие нови возила – 100 на број – нагласи премиерот.

Тој се осврна на состојбата во здравството, но и генерално, за владините политики и идните планови.

-​ Многу работи се запоставени, многу работи се уништени, многу работи се украдени. Но, она што е задача на оваа Влада – е тоа што е уништено, тоа што е запоставено, тоа што е украдено – да го надомести. Има уште многу проблеми за решавање – не е сѐ решено со овие 100 возила, се разбира, можеби е помалку или повеќе олеснета состојбата, но не е сѐ решено. Но, она што е значајно е дека приоритет по приоритет, проблем по проблем, се решаваат во овие 27-28 месеци. Покрај овие 120 нови возила, што Министерството за внатрешни работи ги обезбеди по децениска негрижа таму, по тие стотина возила што ги доби „Пошта“, по тие 53 возила што се користат веќе во општините за чистење, за чистење на сметот, дојде ред и на овие 100 возила – амбулантни – рече Мицкоски.

Тој најави дека многу бргу од денеска ќе има и нови 150 електрични автобуси, што, нагласи, исто така ќе бидат распределени во градовите во целата држава.

-​ Сѐ тоа можеби навидум не изгледа нешто многу големо и значајно. Но, верувајте, оној момент кога тоа ќе ви биде потребно – сѐ тоа што ние денеска го правиме и што го обезбедуваме, ќе биде и тоа како значајно кога тоа ќе ви биде потребно бидејќи досега тоа го немало. ​Сакам исто така да напоменам дека наш приоритет во периодот што следува се инвестициите во здравството. ​И ќе продолжиме да инвестираме. Има многу за инвестирање, не можеме сѐ да решиме можеби во еден мандат на една влада. Но, она што планираме во периодот што следува, а што веќе заедно со нашите партнери, финансиски институции, го завршуваме во делот на здравството во преговорите, тоа се проектите што здружено Светската банка и Европската инвестициска банка ќе ги финансираат. Тоа е, конечно, клиничкиот центар, односно клиничката болница во Штип, здравствениот дом со проширена дејност – Кичево и клиничката болница во Тетово. ​Очекувам, според последната мисија на Светската банка и Европската инвестициска банка, одобрување и формално да имаме некаде кон крајот на првиот квартал од следната година за финансирање на овие проекти. И ако биде сѐ како што треба, веднаш потоа да биде објавен тендерот и ако биде сѐ како што што треба, очекувам првиот проект од овие проекти да почне да се реализира некаде таму крајот на вториот, почетокот на третиот квартал од следната година – најави премиерот.

Тој посочи дека проект што е почнат пред 15-20 години треба да се продолжи да се работи, а во суштина треба да се размислува што ќе се случува од денеска за 10-15 години во здравството.

– Значи, таа технологија што била пред 10-15 години е сега веќе застарена, а замислете каква технологија треба да антиципирате што ќе се развива во следните 10-15 години. Ние сме фокусирани при рестартирањето, конкретно на проектот на клиничката болница во Штип, за технологија што ќе биде апликативна во 2035 – 2040 година. ​Така што, сѐ тоа бара една правилна антиципација, работа со нашите стратешки партнери и ценам дека успеавме да дојдеме до некое решение што ќе значи додадена вредност во македонското здравство – дециден беше премиерот.

Тој се осврна и на состојбата во здравството во главниот град на државата.

-​ Се наоѓаме тука некаде помеѓу двете парцели што ги разгледуваме и за кои преговараме за новиот клинички центар, едната е пред овој базен што го гледате овдека лево од нас, којшто исто така беше оставен на забот на времето – па сега се реконструира, а другата е позади овој тобоган ваму што го гледате. Тоа се двете парцели, отприлика, каде што, би требало, да биде и новиот клинички центар.​ Очекувам до крајот на оваа година и тие преговори да ги завршиме. Цениме дека ова место заедно со поврзувањето на постоечката „8 Септември“, Пет центарот и болницата односно поликлиниката „Букурешт“, мислиме дека сѐ тоа ќе даде една убава симбиоза овдека еден убав убав центар, а заедно со Општина Карпош работиме и на обезбедување нови паркинг – места, бидејќи кога сѐ тоа ќе функционира и кога сѐ тоа ќе биде изградено – ќе има згушување и затоа, планираме уште сега како да го растеретиме и тој дел од предизвиците со што ќе се соочат жителите на овој дел на град Скопје – појасни премиерот.

Слични вести