Нова пријава против кратовката која го узурпираше локалитетот Куклица, и покрај забраната да го посетува, повторно се однесуваше како ,,шериф”

by valentina 18:07
18:07

Пред два ден, кратовката која го узурпираше локалитетот Куклица, иако имала судска забрана за посетување на ова место, сепак таа повторно ги попречуваше домашните и странските туристи да влезат.

Според сведоштво на една туристка, кое го објави ,,Фокус“, таа пријавила во полиција дека им е попречен влезот, по што службеници излегле на терен. Затоа прашавме што превзеле од кратовската полиција.

-Ве известуваме дека од страна на Основниот суд Кратово против С.Д.Б. донесено е решение со кое се определуваат мерки на претпазливост, во рамки на кои е и забрана за посетување на локалитетот Куклица, но С.Д.Б. на 11.07.2026 била затекната на локалитетот. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава, одговорија за ,,Фокус” од СВР Куманово.

Пред неколку дена и градоначалникот на Кратово, Тодорче Николовски истакна дека случајот  добива судска разврска. Тој информираше дека судот донел времена мерка со која Стојна Димитровска Бут и нејзиниот татко Милош Димитровски ќе мора да се повлечат од локалитетот Камени Кукли и да го предадат во владение на надлежните институции.

„Доброволно или насила, узурпаторите ќе мораат да ја напуштат Куклица. Судот донесе времена мерка со која Стојна Димитровска Бут и нејзиниот татко Милош Димитровски ќе мораат да се оддалечат од локалитетот Камени Кукли и да го предадат во владение на надлежните институции. Ако одбијат, полицијата насилно ќе ги исфрли од кругот на објектот“, изјави Николовски.

Како што претходно  беше објавено, повеќе посетители се пожалиле дека им биле барани пари за влез на локалитетот, а во случаи кога одбивале да платат, наводно биле изложени на навреди, закани и агресивно однесување. Дел од нив тврдат дека кон нив биле фрлани камења, а биле пуштани и кучиња.

Валентина Вурмо

Слични вести