Иако Светското првенство заврши, случувањата поврзани со него сè уште се актуелни. По бројните натпревари, отворена е истрага за можно местење натпревари и сомнителни уплати во обложувалници за време на турнирот, пренесува „RMC Sport“.
Советот на Европа укажа на неколку поединечни инциденти кои се оценети како сомнителни и затоа ќе бидат предмет на дополнителна анализа.
Особено е издвоен еден случај, а станува збор за црвениот картон што го доби Темба Звана од Јужноафриканска република на натпреварот против Мексико. Истовремено, пред самиот натпревар, била уплатена невообичаено голема сума од 4,5 милиони долари на нерешен резултат меѓу Шпанија и Зеленортските Острови.
Овие два случаи не се единствените што се разгледуваат.
Во фокусот се и проверката преку ВАР-системот (VAR) која траеше речиси четири минути, како и поништениот гол на Феран Торес на натпреварот против Саудиска Арабија.
Иако станува збор за ситуации на кои укажа Советот на Европа, ФИФА категорично ги отфрла сите обвинувања.
Од ФИФА наведуваат дека не постојат цврсти докази кои би ја потврдиле оваа теорија и би докажале дека каква било неправилност влијаела врз исходот на натпреварите.
Секако, истрагата е сè уште во почетна фаза, па можеби ќе имаме повеќе информации во наредните денови. Како и да е, ваквите тврдења сигурно не им одат во прилог на ФИФА и на организаторите на Светското првенство, особено ако се земе предвид дека настаните на теренот поврзани со Аргентина привлекоа посебно внимание.
Тренерите масовно се жалеа на третманот што го добиваше поранешниот шампион, а потоа и самата Аргентина најави истрага за клевета и лажни обвинувања.