„Немам веќе ни сила ни здравје, во нашата држава нема веќе ни суд ни судии, ни правда“: Веапоска по одложеното судење

by irena 23:17
23:17

Во Основниот суд во Струга денеска повторно беше одложено судското рочиште на кое требаше да биде презентиран извештајот од супервештачењето за случајот со родилката Јилдз Веапоска од Дебар, поради барање на одбраната на првообвинетиот, за изземање на судечкиот судија.

Оштетената, родилката Јилдз Веапоска од Дебар, на која по породување со царски рез во Болницата во Струга и биле отстранети матка, јајник и бубрег излезе разочарана од судницата.

– Немам веќе ни сила, ни здравје. Не сум добра психички. Во нашата држава нема ни суд, ни судии, ни правда. Срамно е докторите од супер вештачењето да доаѓаат од Скопје и наместо да има завршни зборови, судскиот процес да се одлага на неодредено, рече Веапоска.

Нејзиниот полномошник, адвокатот Сашо Јанев смета дека изземањето на судијата е дел од стратегијата на одбраната за одолговлекување и застарување на делото, но истакна оти верува во ефективноста на судот.

– Верувам дека судот ќе биде брз и ефективен и оти брзо ќе се одлучи по однос на овие очајнички потези на одбраната и ќе добиеме осудителна пресуда, која толку долго ја очекуваме, рече Јанев.

Судскиот процес против тројцата лекари – гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, трае околу три години, а делото застарува на почетокот од идната година. Три пати почнуваше од почеток поради менување на судечките судии.

Слични вести