Нема влезници за Дејвид Гета: Падна сајтот преку кој се резервираат карти по цена од 35 денари

by irena 11:56
11:56

Дејвид Гета за 35 денари ќе биде главната музичка атракција за 35-годишнината од независноста на Македонија. Влезниците требаше да се продаваат од денес, 15 мај, но во моментов на сајтот за резервации avalonbooking.mk онлајн продажбата е оневозможена и системот упатува фановите да се обидат подоцна.

„ ⁠Влезниците ќе бидат достапни од петок (15 мај) само на avalonbooking.mk, сите влезници ќе чинат 35 денари, а достапни ќе бидат влезници и за стоење и за седење (трибина). Трибините се нумерирани и потребно е да одберете седиште при купувањето на влезници за една од трибините. Стоењето не е нумерирано. ⁠Капацитетот на стадионот е ограничен, па наш совет е в петок да бидете брзи, за да си обезбедите место. И, за крај – да, влезниците навистина чинат 35 денари и тоа е единствениот трошок за набавување влезници за Дејвид Гета – „Монолит шоу“ на 8 септември, во арената „Тодор Проески“, најавија од „Авалон продукција“.

На овој настан се очекува да присуствуваат повеќе од 50.000 посетители.

Владата засега не открива колку ќе чини целиот државен настан, кој ќе го плати настапот, како е избрана организацијата и зошто јавноста сè уште нема финансиски и оперативни детали за прославата на 8 Септември.

Владата тврди дека процесот се реализира етапно и дека јавноста ќе биде информирана кога ќе се финализираат програмските, продукциските и договорните елементи. Но токму тука почнува проблемот: кога државата најавува спектакл, а не кажува колку ќе чини, транспарентноста не може да се одложи за подоцна како технички детал.

Покрај настапот на Гета, во периодот од 8 август до 8 септември се најавуваат уште два големи концерта и дисперзирана програма во 11 градови, со учество на над 120 македонски уметници.

„Важно е да напоменеме дека од еден профил ќе можат да се обезбедат максимум до две влезници. Веруваме дека на овој начин ќе го ограничиме препродавањето. Не верувам дека некој, токму за овој јубилеј, би тргнал во насока на такви несакани дејствија“, истакна Митева во интервју за 4news.mk.

Продукцијата која доаѓа во Скопје е на светско ниво. Според Митева, „The Monolith Show“ е аудио-визуелно искуство кое првпат се поставува на овие простори.

Овој настан не е само за домашната публика. Со гостувањето на артист од рангот на Guetta, Македонија праќа силна порака за својата подготвеност да биде домаќин на најголемите светски имиња.

О.К.

Слични вести