Обвинителството ја запре истрагата против вработен во Народната банка, кој во текот на судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беше поврзан со таканаречениот „фамозен ранец“. Според сведочењето на обвинетиот Велибор Манев, во ранецот се наоѓал пиштолот што го користел Љупчо Палевски – Палчо.
Против лицето се водеше истрага за кривично дело „помагање на сторител по извршено кривично дело“, согласно член 365 став 3 од Кривичниот законик. Во рамки на постапката беа извршени и претреси.
Неговото име се појави во јавноста по сведочењето на Велибор Манев во судница. Манев тврдеше дека ранецот поврзан со оружјето завршил кај член на партијата Десна, кој бил вработен како техничко лице во Народната банка.
„Ова е последната коцка од сложувалката. Ранецот е кај член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка. Дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски ‘пакетот’, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. После тоа морав да го известам Палевски дека сум се јавил и сум ја пренел пораката. Тоа е сѐ за фамозниот ранец и за тоа дека лажам за ранецот, иако го има на камери“, рече Манев во судницата.
Токму ова сведочење го стави таканаречениот „фамозен ранец“ во фокусот на јавноста и отвори прашања околу тоа каде завршило оружјето кое, според тврдењата изнесени во судница, било поврзано со убиствата.
Сепак, истрагата што Обвинителството ја водеше против вработениот во Народната банка сега е запрена.
Случајот со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски предизвика огромно внимание во јавноста. Во судската постапка на обвинетите им беа изречени најстроги казни – доживотен затвор.
За Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, постапката ќе продолжи со повторно судење.