Не ја тресе скопска Онкологија само финансиски криминал, туку што примале како терапија дел од пациентите болни од рак

Дали дел од тие пациенти воопшто ја примиле неопходната терапија, која барем на некој начин ќе им помогне и е последна надеж за спас од подмолната болест...Факт е дека позадината се парите, но пациенти умирале за некој да запечали, затоа што наместо скапиот лек да биде даден на нив бил продаван, а тие примале сосема други терапии, меѓу кои и обичен физиолошки раствор. Е, тоа е најморбидното и болното.

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Скопската Клиника за онкологија одамна е ставена на пиедесталот како болница, во која се местат тендери, се крадат цитостатици, фрчеа кривични пријави против поранешните директори. ..Се на се, клиника со децениски скандали.

И не само таа и не се само таму скандалите. Но, едно оваа клиника ја прави поразлична од другите, а тоа дека таму се лекуваат најтешко болните пациенти, кои во терапиите кои ќе ги примаат ја гледаат последната трошка надеж за да се спасат.

Факт е дека со оваа подмолна болест никој не е на чисто. Можеш да го свртиш цел свет, да се лекуваш во многу странски болници, да те лекуваат најголемите стручњаци и  крајниот исход да биде фатален. Но, за волја на вистината се случува и многу да се спасат и да продолжат да живеат нормално.

Е сега, тоа што е многу важно е дека на Онколошката клиника од 2019 година наваму беше воведена скапата биолошка терапија, која само една ампула чини од 2.000 до 4.000 евра.

Еден од нив е pembrolizumab, имуно терапија, која работи на подигање на имунолошкиот систем, која чини 3.600 евра, а се користи за лекување на 16 видови на рак, меѓу кои и тие што се уште се во рана фаза.

На листата скапи лекови се наоѓа и palbociclib, поточно тоа се таблети кои се користат за лекување на понапредни фази на рак на дојка, а чинат 4.000 евра по кутија. Тука е лекот vemurafenib, кој претставува инхибитор, кој се користи за лекување на напредната фаза на малиген меланом. Овој лек чини 3.600 евра.

Исто така, на оваа листа може да се најде и cobimetinib, лек кој ги таргетира протеините во клетките на ракот и го спречува растот на клетките. Цената на овој имунолошки лек е над 3.000 евра. На истата листа може да се најдат и ампулите atezolizumab, од кои само една чини 3.200 евра.

Сепак, еден од најкористените лекови е herceptin, тоа е лек за болните од карцином на дојка, кој чини 2.000 евра. Овој лек се дава во форма на инекција на 21 ден. Повеќето од пациентите примаат од 15 до 18 терапии, што значи дека се прима во период од повеќе од една година, по завршувањето на хемотерапијата и зрачењето.

Со воведувањето на оваа терапија, бизнисот на клиниката почна уште толку да цвета, а во целата шема се вклучени цело злосторничко здружение.

И да се разбереме не е најстрашното тоа што се прави финансиски криминал, туку најстрашно и најморбидно е каква терапија примаат најболните пациенти, за да може тој ист лек да заврши на црниот пазар во Косово.

Дали дел од тие пациенти воопшто ја примиле неопходната терапија, која барем на некој начин ќе им помогне и е последна надеж за спас од подмолната болест…Факт е дека позадината се парите, но пациенти умирале за некој да запечали, затоа што наместо скапиот лек да биде даден на нив бил продаван, а тие примале сосема други терапии, меѓу кои и обичен физиолошки раствор. Е, тоа е најморбидното и болното.

Инспектори и обвинители влегоа на Клиниката. Време е да се разреши што се случувало и кои се тие што им го одземале правото на живот на болните.

 

Поврзани новости