Министерката за образование и наука Весна Јаневска смета дека не може да се исполни барањето на родителите на децата со атипичен развој за трајно вработување на образовни асистенти, затоа што потребите во училиштата, се, како што вели, променливи.
-Ако се зголемат потребите, ние го зголемуваме бројот на асистенти. Но факт е дека, комисијата за функционална проценка оценува кое дете има потреба. А кога детето ќе постигне напредок, комисијата ќе оцени дека веќе нема потреба од асистент, што и е основната цел, на образованието но и во животот за детето кое има посебни образовни потреби да биде самостојно.
Па некогаш, Комисијата ќе рече дека нема веќе потреба од образовни асистенти, а родителите сакаат и натаму образовен асистент, тоа е еден од проблемите со кои се соочуваме. Понекогаш родителите ги мешаат образовните асистенти со личните асистенти, а тоа не е така, личен асистент е сосема поинаква функција – вели Јаневска.
Според неа, претходната власт ангажирала околу 1 000 асистенти, додека сега нивниот број во основното образование е 1 876, а околу 150 се предвидени и за средно образование.