Петнаесетгодишниот Т.К. е уапсен во селото Горки, во близина на Москва, откако убил едно момче (10) во напад врз училиште, а сериозно ранил уште тројца ученици и еден училишен чувар.
Според достапните информации, тинејџерот е ученик во деветто одделение во тоа училиште. Нападот го започнал така што дошол вооружен, прво го испрскал обезбедувачот со бибер спреј, а потоа го прободел со нож. После тоа, влегол во училиштето и почнал да ги напаѓа децата.
Медиумите известуваат дека напаѓачот имал фантомка на главата и носел бела маица со црн натпис „Ниеден живот не е важен“.
Засега не е познато дали ги нападнал децата случајно или имал однапред одредени цели.
Едно момче почина од повредите, додека тројца други ученици беа сериозно повредени. По нападот, кога полициските сили веќе беа во училиштето, осомничениот зеде едно дете како заложник и се заклучи во училницата со него, држејќи му нож на грлото. Полицијата успеа да ја скрши вратата и да го совлада пред да се појават дополнителни повреди.
Напаѓачот, исто така, се снимил себеси како оди и напаѓа со нож.
Според неофицијални информации, во куќата на момчето се пронајдени предмети што укажуваат дека нападот бил планиран, а наводно е откриена и импровизирана експлозивна направа.