пишува: Орце Костов
Во услови на зголемена побарувачка, растот на цените на станбениот квадрат во Скопје не се смирува ниту годинава, а дополнително масло на огнот долеа и засилениот интерес од странските инвестициски фондови, кои купуваат на големо. Статистиката покажува дека во периодот од 2020 до 2026 година, цените направиле неверојатен скок од речиси 100 проценти.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2019 година, една година пред пандемијата со корона вирусот, Македонија имала стабилен пазар на недвижности и цената на квадратот се движела меѓу 750 и 800 евра во просек, со тоа што најатрактивните локации во Центар, Водно, Аеродром и Дебар Маало, не надминувале 1.000 евра за квадратен метар.
Во моментов, цените се околу 2.100 до 2.400 евра за квадрат во строгиот центар, а во околните населби, цените се движат од 1.500 до 1.800 евра. Според платформата „цена за квадрат“, просечната цена на квадратот во Скопје, на 30 март 2026 била 2.144 евра, а во текот на една година се бележи раст на цените од 17,42 проценти.
Растот на цените на становите требаше да го скроти владата со најавите дека ќе интервенира на цената на пазарот на недвижности преку изградба на што повеќе државни станови, но државата во следниот период ќе изгради само 255 станови во Скопје за комерцијална продажба, а останатото ќе бидат таканаречените социјални станови. Во услови кога приватниот сектор гради над 1.000 станови годишно, тешко е државата преку овој механизам да интервенира врз растот на цената на станбениот квадрат.
Овие државни станови на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор ќе ги доградува во три згради, од кои една е онаа во градската четврт „Даре Џамбаз“ со 112 станови, за чија продажба претходно беа објавувани повици за аукција. Ќе се продаваат и 32 станови во уште една зграда во Центар во Дебар Маало. Предвидени се и 111 станови во Чаир.
Според усвоената програма одобрена од Владата, во текот на 2026, 2027, 2028 и 2029 година, покрај зградите во Скопје, ќе се продадат, односно ќе се изградат уште седум комерцијални станбени објекти во внатрешноста – три во Битола, две во Охрид и по еден во Штип и во Неготино.
ПАЗАР НА НЕДВИЖНОСТИ
Пазарот на недвижности во 2025 година се оценува како стабилен, активен и атрактивен за инвестирање, со позитивни економски трендови и изразена урбана концентрација, покажува извештајот. Се очекува умерен раст и во 2026 година, со зголемен интерес за инвестиции и продолжен раст на закупите, се вели во Годишниот извештај од Регистарот на цени и закупнини на пазарот на недвижности за 2025 година, кој го објави Агенцијата за катастар на недвижности.
Според извештајот, пазарот на недвижности во 2025 година бележи значителна активност со вкупно 33.381 реализирана трансакција. Од нив, 23.470 се купопродажби, со раст од 4 проценти, додека бројот на закупи достигнал 9.911, што е зголемување од 17 проценти.
Вкупната финансиска вредност на пазарот изнесува околу 1,14 милијарди евра, што е раст од 12,9 проценти. Најголем дел од оваа вредност е остварен во четвртиот квартал, кога се реализирани трансакции во вредност од околу 314 милиони евра.
Становите учествуваат со 33 проценти во вкупниот број купопродажби и дури 48 проценти од вкупната вредност на пазарот. Иако бројот на продадени станови бележи пад од 3,9 проценти, нивната вредност е зголемена за 10,8 проценти, што укажува на стабилизација и раст на цените.
Иако бројот на продадени станови е во благ пад од 3,9 отсто, нивната вредност пораснала за 10,8 проценти. Во општините што биле најактивни, Центар, Аеродром и Карпош становите се продавале по просечна цена од 1.692 евра за квадратен метар, 1.558 за квадратен метар и 1.419 евра за квадратен метар.
Најскапиот стан во 2025 година бил продаден во Аеродром за 166.500 евра, а во оваа општина е постигната и највисока цена по квадрат – 3.784 евра за квадратен метар.
Најскапо продадени куќа и деловен простор биле во Општина Центар. За куќата биле платени 1,5 милион евра, а за деловниот простор 6,8 милиони евра.
Пазарот на новоградби бил најдинамичен во Скопје. Во Центар е забележан скок на цените од 31 отсто, додека Охрид бележи пад од 4 отсто на цените од инвеститор.
Извештајот покажува и дека сè повеќе граѓани и фирми се одлучуваат за изнајмување. Вкупната месечна закупнина на ниво на држава изнесува 4 милиони евра. Најголем интерес има за станови, кои се 35 отсто од закупите и тоа има раст од 15 проценти во однос на претходната година. Потоа следат деловни простори со 34 отсто и бележат раст на вкупната месечна закупнина од 24 проценти во споредба со лани.
Целата сторија може да се прочита во неделникот на „Фокус“.