Канцеларијата на ОН за човекови права во петокот објави дека регистрирала најмалку 798 смртни случаи за време на обезбедувањето хуманитарна помош во Газа на контролните пунктови на Хуманитарната фондација Газа (GHF) и во близина на конвои на други хуманитарни организации, вклучувајќи ги и самите Обединети нации.
GHF користи приватни американски компании за обезбедување и логистика за испорака на помош во Газа, заобиколувајќи го дистрибутивниот систем на ОН, за кој израелските власти тврдат дека им дозволил на милитантите да ја пренасочуваат помошта.
ОН ја оцени оваа практика како небезбедна и спротивна на правилата за непристрасност во хуманитарната помош.
„До 7 јули регистриравме 798 смртни случаи, од кои 615 лица загинаа во близина на контролните пунктови на GHF, а 183 најверојатно на рутите на хуманитарните конвои“, изјави Равина Шамдасани, портпаролка на Канцеларијата на ОН за човекови права.
GHF започна со дистрибуција на пакети со храна во Газа кон крајот на мај и постојано негираше дека инцидентите се случиле на нивните локации.