Надежите за преживеани по земјотресот во Колумбија згаснуваат, бројот на жртвите се искачи на 294, а 320 се исчезнати

by valentina 10:07
10:07

Надежите за пронаоѓање преживеани по силниот земјотрес во западна Колумбија згаснуваат, откако спасувачките екипи и петтиот ден по катастрофата продолжуваат да извлекуваат тела од под урнатините.

Најмалку 294 лица загинаа, 320 и натаму се водат како исчезнати, а речиси 4.000 се повредени, покажуваат најновите податоци на колумбиската служба за управување со катастрофи. Повеќе од две третини од жртвите се регистрирани во градовите Кали и Переира.

Земјотресот со магнитуда од 7,4 степени ја погоди земјата нешто по 7:30 часот во понеделникот, со епицентар во близина на Сан Хосе дел Палмар. Потресот урна станбени згради и оштети училишта, цркви, болници и домови на широка територија, од пацифичкото пристаниште Буенавентура до главниот регион за производство на кафе и големите градови во западниот дел на земјата.

Во Кали, третиот по големина град во Колумбија со повеќе од два милиона жители, спасувачите продолжиле да ги пребаруваат купиштата бетон, тули и метал во потрага по исчезнати лица. Според службите, операциите за извлекување тела најверојатно ќе завршат денеска, по што ќе започне расчистувањето на урнатините со тешка механизација.

Слични вести