На пат кон нови уставни измени

by Фокус

Поголемиот дел од „проблемот“, оној суштинскиот, за јазикот и идентитетот мајсторски го отфикаривме. Сега сакаат да ја ставиме бугарската етничка заедница во Уставот. Ако некој не знае, или се прави дека не знае дека тоа е последната сламка за која се држи Бугарија пред „испитувачите“ од Европа, по промената на Уставот ќе дознае.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Кога Македонецот ќе укапира дека ги живее првите најтешки 30 години во еден државен систем што како народ во текот на долгогодишната историја никогаш го немал ни помирисано ни пробано?

Првпат се сретнал со терминот „своја држава“ по Втората светска војна, а, пак, со автохтониот капитализам се сретна дури 45 години подоцна, по исто така голема меѓународна турбуленција, официјалниот крах на социјализмот во Европа.

Самоуправниот социјализмот како систем кај најголемиот дел од македонскиот народ остави длабоки, неизбришливи траги, пријатни, но со тешки последици не опасни по живот, туку со опасно разорно дејство врз мислата и себедоживувањето како Македонци во реалниот свет.

Вековниот сон, како што милуваме да кажеме, за своја македонска држава, конечно го остваривме со одлуките на АСНОМ. И станавме држава, поточно република, со дострел и како некаков фактор само во границите на тогашната федерација, Југославија.

Ги имавме сите права, сопствен македонски јазик, идентитет, своја азбука, свои институции… сѐ!

ВО КРУГОТ НА СЕМЕЈСТВОТО

Е, дојде време, почна созревањето на републиките генерациско. Ние малку побавно, како прваче што пред време тргнало на училиште, ама ги настасавме другите, та дури и позрело од нив ги поминавме војните што се разгореа во широкиот центар на федерацијата.

И, се сторивме самостојна, независна држава. Се втурнавме во големиот меѓународен свет на политиката и интересите. И веднаш ни се покажа на дело разорното дејство на мегаломанската мисла и препотентното себедоживување, кое за меѓународната заедница имаше значење колку едно ситно камче во нивниот чевел БЈРМ.

Безимена држава, описно означена. Ама, сепак, држава, запишана, положена и со свидетелство од Организацијата на Обединетите нации. Ама име немаме!!!

Ние дома, можевме да си ја викаме Македонија и мислевме дека како таква кога-тогаш ќе поминеме кај меѓународниот фактор. Но од тоа „кога-тогаш“ поминаа речиси 20 години.

Ќе поминеа уште трипати по толку ако не дојдеше таа храбра и мислечка политичка генерација и кај нас и во Грција која го препозна моментот, па прашањето на нашето меѓународно признавање и како држава со сопствено име конечно се симна од дневен ред. Има сега тек-тук по некој заостанат мислечки диносаурус, како МАНУ, кој сам си збори, сам си се слуша.

Додуша, го слушаат оние од ВМРО-ДПМНЕ, ама и од тоа нема баш фајде, зашто и нив надвор никој не ги слуша, па така сѐ си останува во „кругот на семејството“.

ПОДОБРИ ВРЕМИЊА

Во мојата новинарска кариера, во неколку наврати сум известувала од работата на уставните комисии и на тогашната сојузна и на овдешната републичка комисија. Во таа млада новинарска фаза, со тогашната зрелост мислев дека со отворањето на Уставот просто како да се создаваат проблемите.

Подоцна сфатив дека како новинар, сепак, сум била еден чекор поназад од политиката и дури низ напрегнатите расправи ми се отвораше видикот дека проблемите се веќе одамна тука, само сега треба со уставните измени некако да се канализираат и да добијат одржлива смисла.

Како држава сега сме на пат кон нови уставни промени што ги носи дадениот турбулентен, историски момент. Проблемот е тука, на маса, не од вчера, завчера, туку вековит. Тој проблем со Бугарија еднаш мораме да го решиме докрај!

Поголемиот дел од „проблемот“, оној суштинскиот, за јазикот и идентитетот мајсторски го отфикаривме. Сега сакаат да ја ставиме бугарската етничка заедница во Уставот. Ако некој не знае, или се прави дека не знае дека тоа е последната сламка за која се држи Бугарија пред „испитувачите“ од Европа, по промената на Уставот ќе дознае.

Ама за тоа да се случи треба да се има стискавец, првенствено од власта, но и од опозицијата. Владејачкото мнозинство како да се претвори во обична сметачка машина за на каса, како сѐ да зависи само од бројките на пратеници во Парламентот.

Не, драги мои! Потребна е работа. Досега Владата требаше да излезе со некои првични контури на амандманите и да почнат сериозни политички разговори, објаснувања, убедувања, аргументирани образложенија од јаки, компетентни стручњаци зошто има потреба од уставни промени како прва фаза од процесот, кој треба да почне и да заврши во Парламентот.

Одолговлекувањето создава нервоза кај граѓанството. Ако не постои, пак, доволна убеденост и кај самите предлагачи, тогаш нека го олабават народот и нека го подготват за прекинување на комуникацијата со Европската Унија, барем додека не дојдат, ако дојдат, некои подалечни подобри времиња.

Поврзани новости