АРХИВА На кумовите во ВМРО-ДПМНЕ никако да им изгори кесето

by Fokus 22:00
22:00

Текстот е објавен на 13 мај, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1075

Пишува Ирена МУЛАЧКА

- Advertisements -

Познат како енергетски тајкун во Србија, Никола Петровиќ е кум на српскиот премиер Александар Вучиќ, кој пред две недели доби уште еден мандат да ја предводи српската влада. Петровиќ е директор на ЈП Електромрежа во Србија, а неговата кариера вртоглаво почнува да расте откако Вучиќ станува премиер.

Според пишувањата на српските медиуми, Петровиќ е десна рака на премиерот и негова сенка во заднина. Тој има и свој приватен бизнис, односно прво бил неформален директор на фирмата „Еко Енерго Груп“, која се занимава со трговија на електрична енергија, а пред извесно време станал сопственик на седум хидроелектрани во Србија. Кумот на Вучиќ, српските медиуми го портретираат како алчен за пари и „советник“ во сенка на премиерот, кој постојано е вмешан во матни бизнис-зделки.

Тоа е само еден пример на кумовски врски во српската влада, каде што речиси секој министер си го сместил својот кум на „топло“, како шеф на кабинет, директор на јавно претпријатие или, пак, редовен победник на тендерите на Министерството со својата приватна фирма. Историјата покажува дека кумовските врски финансиски лукративно се одржуваат уште во времето на Слободан Милошевиќ, а сега традицијата само продолжува.

Во сето ова ништо подолу не е и Македонија. Кумовите на македонските политичари се најчесто нивна десна рака во политиката, сојузништвото со нив е поцврсто од партиското, идеолошкото или политичкото зашто нераскинливата врска се заедничките бизнис-интереси. Некои од кумовите и кумашините ѝ се познати на јавноста, додека некои се тотални анонимуси чии имиња политичарите ги кријат како змија нозете. Но, заедничко за сите нив е тоа што се сместени во добри функционерски фотелји или се бизнисмени чија работа цвета, а нивните фирми растураат од работа и од тендери.

Кои се кумовите на политичарите од власта и каква е нивната улога во политиката и во бизнис-релациите? Зошто за непотизмот во владејачката партија не реагира Државната комисија за спречување на корупцијата? Дали и како работеле фирмите на кумовите пред ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, а каде и како работат сега и дали се на некакви функции? Кој колку се офајдил од кумовските врски?

КУМОВСКА РЕЛАЦИЈА МИЈАЛКОВ – КАМЧЕВ – ЛУКОВСКИ

За десетте години колку што ВМРО-ДПМНЕ е на власт може слободно да се направи листа на кумовски и роднински врски на функционерите од првиот ешалон во власта чии кариери вртоглаво почнаа да растат. Луѓето си добија директорски позиции, станаа шефови на кабинети, членови на управни и надзорни одбори, а некои дрмаат со македонскиот бизнис.

За тоа колку се значајни венчалните кумови во политиката на владејачката партија можеше да се слушне и од „бомбите“ што пред повеќе од една година ги објави лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев. Во аудиоснимките можеше да се слушне како некои од кумовите се сопственици на фирми во офшор-земји, кои правеле зделки со првиот човек на владата и неговите министри, договарале тендери и провизии.

Еден од нив е Ристо Новачевски, венчален кум од првиот брак на премиерот Никола Груевски со сопругата Сузана Арбутина, лекарка на скопската Клиника за пулмологија. Неговото име не ѝ беше познато на јавноста сѐ додека не одекна „бомбата“ во која поранешниот премиер договарал да купи 11 илјади квадратни метри земјиште за да изгради хациенда на Водно. Сето тоа требало да се изврши преку фирмата „Сирах Лимитед“ од Белизе, чиј управител е токму Новачевски. Тој има долгогодишна кариера, која од 2006 година наваму доживува вртоглав подем. Околу неговото име се вртат многубројни функции и се споменува и како член на повеќе управни и надзорни одбори, но и како директор на разни компании.

Веќе подолг период во јавноста се шпекулира, а опозицијата отворено се сомнева дека тој е во бизнисот со дијализа и наводно стои зад фирмата „Диамед Македонија“, која ја доби лиценцата за дијализа, иако според документите од Централниот регистар неговото име никаде не фигурира. Откако ДПМНЕ дојде на власт, Новачевски бил извршен директор на фармацевтската компанија „Кемофарм“, а само една година подоцна станува извршен директор на Тутунскиот комбинат во Прилеп, каде што останува три години, до 2011-та. Во меѓувреме, во 2010 година тој станува застапник на јапонската групација „Нипро“ за југоисточна Европа, исто така фирма од областа на медицината. Тој бил и неизвршен член на одборот директори на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост.

Во 2007 година, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ стапува во брак со својата втора сопруга Боркица, а негов венчален кум е тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески, кој две години подоцна во 2009 година седнува во министерското столче за финансии, на чија функција е до денешен ден.

Тој, исто така, можеше да се слушне во прислушуваните разговори, но повеќе во трач-муабетите за своите сопартијци, отколку за криминални зделки. Ставрески истовремено е и член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, а во меѓувреме е и десна рака на лидерот.

Кумовските врски поврзани со бизнис-интереси во вмровската елита продолжуваат со ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков и прв братучед на Груевски. Во 2007 година тој стана венчален кум на познатиот македонски бизнисмен Орце Камчев, кој по третпат се ожени со адвокатката Ана, која работи во адвокатската канцеларија Апостолски. За Камчев, исто така, можеше да се слушне во „бомбите“ на Заев, каде што тема беа објектите „Панорама“ и десеткатниците на Водно, кои добиле градежни маркици за семејно домување со посебен режим, а сопственици се неговата компанија „Кара“ и офшор-компанијата „Ексико“, зад која неформално стои Камчев. Тој е познат и како сопственик на „Орка холдинг“, приватната болница „Систина“, земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, како и Стопанска банка АД Битола. Освен Мијалков, втор сведок на свадбата на Камчеви е и Жарко Луковски, кој е главен извршен директор на Т-мобиле, а истовремено е и извршен член на одборот директори на оваа компанија од 2010 година наваму. Но, тука не завршува односот кум-кумашин меѓу Камчев, Мијалков и Луковски. На свадбата на извршниот директор на Т-мобиле со неговата сопруга Ивана пред две години, кум е ексшефот на ДБК, Мијалков. Луковски, исто така, е дел од „бомбите“ каде што можеше да се слушне како се заканува дека ќе отпушта вработени од работа што нема да гласаат за владејачката партија.

БИДИ МИ КУМ, ЛАПНИ ТЕНДЕР

Како што ДПМНЕ сѐ повеќе ја зацврстуваше својата власт, така сѐ повеќе се зголемуваа функциите и бизнисите на кумовите. Разликата е во тоа што некои ѝ се познати на јавноста, додека некои досега воопшто не се споменати.

Таков е примерот со шефот на Кабинетот на експремиерот Груевски, Мартин Протуѓер, кој доживеа метеорска кариера и секогаш во заднина го чува грбот на својот претпоставен. Тој многу ретко се појавува во јавноста, освен во посебни моменти, но затоа во прислушуваните разговори што ги објави опозицијата можеше да се види неговата главна улога во десетгодишното владеење на ДПМНЕ под раководната палка на Груевски. Тој дури коментираше дека цели фамилии можат да завршат во ендек, ако не гласаат за нив.

Протуѓер секогаш е верна сенка на експремиерот, а единственото нешто што излезе во јавноста за него, секако без детали, е дека се ожени пред три години, во 2013 година, а неговата избраничка е вработена во Министерството за надворешни работи. Покрај сите неоткриени тајни за него, како тајна помина и кој бил кум на неговата свадба. Нашите извори тврдат дека шефот на кабинетот на Груевски и неговата избраничка ги венчал Димитар Парнарџиев, кој, исто така, е непознато име во јавноста. Ретки се информациите што за него можат да се најдат на интернет, освен тоа дека во моментов е директор на Бирото за метеорологија при Министерството за економија. Иако неговото име не е познато, сепак познато е името на неговата сестра Маја Парнарџиева – Змејкова, поранешна директорка на Фондот за здравство. Таа во фондовската фотелја седеше повеќе од пет години, сѐ додека под притисок на јавноста не поднесе оставка за смртта на осумгодишната Тамара Димовска од Велес, која чекаше одобрение за лекување во странство. По завршувањето на нејзината кариера во Фондот, таа повторно се врати во матичното Министерство за финансии во Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Во меѓувреме, бизнисот почнува да му цвета и да оди во нагорна линија и на Кирил Дудески, чиј кум на свадбата со неговата сопруга Весна е токму Протуѓер. Тие повеќе од 20 години ја имаат фирмата за медицинска опрема „Соникс ДООЕЛ“, чиј управител според документите е сопругата на Дудески. Според податоците објавени на страницата на Бирото за јавни набавки, нивната фирма работи со полна пареа, а „Фокус“ веќе неколкупати досега пишуваше колку сѐ тендери добиле од Министерството за здравство и од јавните здравствени установи низ земјава. Тие, исто така, добар дел од колачот собраа и од апаратите за електрошокови (дефибрилатори), кои министерот за здравство Никола Тодоров ги наметна како законска обврска за секоја фирма што има над 100 вработени. Како што веќе објавивме, речиси сите министерства, општини, јавни претпријатија и државни институции набавија дефибрилатори токму од „Соникс“, а бизнисот беше тежок вртоглави 100 милиони евра.

ТОДОРОВ КУМ НА КОНЕСКИ

Кумовските врски во ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат како метастаза да се шират во речиси сите ешалони од власта. Една од попознатите за која јавноста нема многу информации е релацијата кум-кумашин меѓу министерот за здравство Тодоров и градоначалникот на Аеродром, Ивица Конески, кој од друга страна се смета и за близок човек до ексшефот на тајната полиција, Мијалков.

Конески се ожени во 2009 година без многу помпа во јавноста, а негов венчален кум беше Тодоров, кој во тој период беше на функцијата министер за образование. „Фокус“ досега објави колку народни пари потрошила локалната власт под капата на Конески за изградба на паркови, фонтани и цркви во општината кои се распоредени во радиус од 500 квадратни метри.

Во јавноста, исто така, се шпекулира дека кумовски врски постојат и меѓу Тодоров и неговиот шеф на кабинетот, Ангел Митевски, кој е негова верна сенка од периодот кога првиот човек во здравството ја почнува својата кариера. За сигурно овие информации не ги потврдува никој, но на фотографиите објавени на некои портали и на социјалните мрежи може да се забележи дека имаат одлични фамилијарни односи. Митевски пред три години стана и државен советник за здравство, иако има завршено историја. Тој е член и на неколку управни одбори.

По две години откако „вмровците“ дојдоа на власт, во 2008 година Трајко Вељановски стана спикер на Собранието, а истата година претседател на Врховниот суд стана Јово Вангеловски, кој е во кумовска врска со првиот парламентарец. Во тој период, медиумскиот прав најпрвин се крена поради неговиот избор во Врховниот суд, бидејќи тој е најчесто место каде што својата кариера ја завршуваат најискусните судии. Токму оттаму и отворено се шпекулираше дека Вангеловски е донесен во Врховен за да биде експресно поставен за претседател, што и се случи. Особено изненадува што Вангеловски беше избран едногласно, иако претходно, на седницата два дена порано, до избор не дојде. Ден-два беа доволни за „пеглање“ на разликите меѓу членовите на Судскиот совет.

За разлика од сите нив, кум на сегашниот пратеник од ДПМНЕ и член на Извршниот одбор, Влатко Ѓорчев и неговата сопруга Сузана е отец Ивица Тодоров од скопската епархија. Тој честопати може да се види во медиумски настапи како голем противник на ЛГБТ заедницата.

Фактите очигледно ја покажуваат спрегата држава – партија – бизнис. Како по правило, сѐ е во рацете на партиските моќници и нивните најблиски роднини и кумови. На кумовите никако да им изгори ќесето.

Рамка:

АНТИКОРУПЦИСКА ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“

Во последните неколку години, Антикорупциската комисија не се занимава со непотизмот во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, иако секоја година на антикорупциското столче седнува нов претседател. Ниту еден од нив досега не се зафати со ова прашање, иако досега во медиумите излегоа многубројни приказни на оваа тема.

„Фокус“ испрати неколку прашања до Државната комисија за спречување на корупцијата, но до затворањето на овој број не добивме одговор на нашите прашања.

Рамка:

И ВО СДСМ ИМА КУМОВСКИ РЕЛАЦИИ

Како во ВМРО-ДПМНЕ, така и во опозицискиот блок за време на нивното владеење и соработка се ределе кумови и кумашини. Таква е релацијата меѓу заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска и експратеникот Јани Макрадули, кој е кум на нејзината свадба. Исто така во кумовски врски се и претседателот на НСДП, Тито Петковски и професорот Ѓорѓи Спасов, а кумовски релации постојат и меѓу Миле Зечевиќ и Горан Минчев.

Поврзани новости