До 9 часот наутро во Србија, 12 отсто од гласачите излегле на гласање на вонредните парламентарни избори. Оваа првична проценка за излезноста, изготвена од IPSOS и CeSID, се заснова на обработени податоци од 94 отсто од примерокот, објави РТС.
Додаваат дека на изборите во 2023 година, до 9 часот наутро гласале 5,3 отсто од гласачите.

Денес во Србија се одржуваат вонредни парламентарни избори, на кои право на глас имаат 6.450.523 регистрирани лица.
Гласањето се одвива на вкупно 8.392 избирачки места, како во земјата, така и во странство.
На претходните парламентарни избори во Србија, одржани на 17 декември 2023 година, вкупната излезност изнесуваше 58,77 отсто.
Според конечните извештаи на Републичката изборна комисија (РИК), право на глас имале 6.500.666 граѓани, а на гласање излегле 3.820.746.