Албанските власти ги демантираат тврдењата дека вчера им бил забранет влез во Албанија на пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи од коалицијата Влен, како и на заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани.
Според генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита, граничната полиција постапила согласно законските процедури и немало забрана за тројцата функционери, туку законска пречка за четврто лице кое патувало со нив.
„Вчера, на граничниот премин ‘Ќафасан’ пристигнаа четворица граѓани со намера да ја преминат границата. Тројца од нив поседуваа дипломатски пасоши и беа информирани дека можат да го продолжат патувањето. Сепак, едно лице од нивната придружба имаше законска пречка за влез во Република Албанија. Поради тоа, сите четворица одлучија да не го продолжат патувањето и се вратија во Северна Македонија“, изјави Хита.
Тој нагласи дека не станува збор за исклучителен случај, туку за редовно постапување на граничната полиција.
„Останатите тројца доброволно одлучија да не го продолжат патувањето и се вратија во Северна Македонија. Ова не е посебен или изолиран случај, туку дел од секојдневното работење на граничната полиција. Нема простор за паника или за тврдења дека полицијата не ја извршила својата должност“, рече Хита.
По случајот реагираа од Влен, од каде побараа албанските власти, доколку навистина постои забрана за нивни функционери, да достават официјална документација со која ќе се утврди кој ја донел одлуката, врз која законска основа и од кои причини.
Пратеникот Беким Ќоку, кој е и координатор на пратеничката група на Влен, изјави дека не знае зошто дошло до ваквата ситуација, имајќи предвид дека сите тројца приложиле дипломатски пасоши. Според него, рутинската гранична контрола, која вообичаено трае неколку минути, во нивниот случај траела речиси еден час, без да добијат какво било објаснување, поради што ситуацијата ја оцени како апсурдна и бесмислена.
За случајот денеска се огласи и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој изрази загриженост поради постапувањето кон пратениците на граничниот премин „Ќафасан“. Тој побара целосно и транспарентно разјаснување на случајот, оценувајќи дека тоа ќе придонесе за утврдување на сите околности, како и за зачувување на меѓусебната доверба, институционалната почит и духот на соработка меѓу Северна Македонија и Албанија.