ЧЛЕНОВИТЕ НА ИЗБОРНИТЕ ТЕЛА СО ПРАЗНИ ЏЕБОВИ И ПО РЕЧИСИ ПОЛОВИНА ГОДИНА ОД ИЗБОРИТЕ

Државната изборна комисија вчера ги исплати надоместоците за членовите на изборните тела во 11 општини со блокирани жиро-сметки. „Фокус“ уште на почетокот на април објави дека близу 12 илјади административци од 30-тина општини, кои имаат законска обврска да членуваат во изборните тела, повеќе од пет месеци чекаат општините и Градот, кажано народски, да се смилуваат и да им го исплатат она што законски им следува. И, додека скопските општини и Градот си ја префрлаат топката, изборните одредби се децидни дека треба да си ја исполнат обврската. Во меѓувреме, ДИК доставило предлог за законска измена, со која тие би го презеле исплаќањето на надоместоците за членовите и нивните заменици за сите видови избори и референдум.

by jadranka 11:57
11:57

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 2 април 2026 во бројот 1591

Пишувал: Зоран ФИДАНОСКИ

Поминаа точно пет месеци откако заврши вториот круг од локалните избори одржани минатата година, а повеќе од една третина од општините сè уште ги немаат исплатено надоместоците на членовите на изборните тела. Станува збор за обврска што им припаѓа на единиците на локалната самоуправа, која треба да биде предвидена во нивните редовни годишни општински буџети, а која до денеска не е реализирана.

Или, кажано со други зборови, близу 12 илјади административци, кои имаат законска обврска да членуваат во изборните тела, а се избираат по случаен избор пред секој изборен циклус, чекаат општините каде што биле избирани градоначалниците и советниците, во процес во кој тие активно учествувале – секој со својата улога, народски кажано, да се смилуваат и да им го исплатат она што законски им следува и го изработиле во минатата есен.

„Фокус“ поразговара со некои од членовите на изборните тела, кои се обратија на оваа тема со намера да се пожалат. Велат дека не е коректно за најпрофесионално завршената работа, за што, велат, говорат и извештаите од релевантни институции.

Ако членувањето во избирачки одбор е задолжително, тогаш и обврската на државата треба да биде задолжителна, но и исполнета во разумен рок. Познавам примери на луѓе што сакале да се ослободат од вакво задолжение, одоговорено им е дека може да одговараат кривично ако одбијат да бидат ставени како членови или заменици во некој од одборите. Дури имаше и пример со трудници што не беа ослободувани од обврската да членуваат. Никој не бега од обврската, тоа истото треба да важи и за тие што се одговорни за исплата на надоместоците, вели за „Фокус“, соговорничка од изборно тело, од една скопска општина, која сè уште чека да ѝ биде исплатен надоместокот.

 

ОБВРСКАТА ЗАДОЛЖИТЕЛНА, А ИСПЛАТАТА „ВИСИ“

 

По трагата на ова сознание, „Фокус“ се обиде да направи проверка за повеќе прашања поврзани за него. Најпрво го отворивме Изборниот законик, каде што во членот 18, став три стои дека:

„Лицето избрано за член на изборниот орган може да не прифати да ја извршува таа должност, само поради здравствени или семејни причини, при што за неприфаќањето на членот одлучува органот што го избира, врз основа на приложена соодветна документација.“

Кажано поинаку, само со мислење од лекар специјалист, некој би можел да се ослободи од ваква обврска, за што одлучува органот што го избрал да членува во изборното тело.

Веќе наредниот член од Законикот – 19, пишува дека „претседателот и членовите на изборните органи и изборната администрација имаат право на надоместок што се утврдува со акт на Државната изборна комисија, што за овие избори ДИК го утврди од 12-22 илјади денари за член на избирачки одбор во зависност од големината, поточно бројот на избирачи кои се запишани во него.

И, додека за повеќето општини нема дилеми дека се обврзани да ги подмират обврските кон членовите на изборните органи што им се законски, но тактизираат со исплатата прво затоа што нема краен рок кога тие мора да ги исплатат, па, поради ограничените буџетски средства веројатно предвидените средства се префрлаат таму каде што е најургентно, дотогаш ситуацијата со скопските општини е далеку покомпликувана. Пред сè, затоа што тука секогаш кога станува збор за локални избори се спроведува двојно избирање – и за градоначалници на општината, но и за Град Скопје. А, на исти принцип се спроведуваат и изборите за советници. Што значи, за разлика од останатите делови во Македонија, скопјани на секои локални избори зад параванот со себе секогаш носат четири гласачки ливчиња.

                                                    

КОЈ ТРЕБА ДА ИСПЛАТИ 

 

Токму затоа имаше и дилеми околу начинот на толкување кој и во колкав обем е надлежен за исплата на членовите и замениците (по десет од секој избирачки одбор), само општините или заедно и со Градот Скопје, треба да го исплатат долгот кон нив.

Од 10-те општини во главниот македонски град, според податоците што ги добивме од Државната изборна комисија, само Центар, Карпош и Чаир во целост ги подмириле надоместоците за изборните тела. Во една од општините, Аеродром, пред некој ден на советот донел одлука на 930 членови и нивни заменици да им исплати само 50 отсто од надоместокот, за што доби критики од опозицијата дека произволно си го толкуваат законот и дека нема право да им го крати заслуженото на членовте на одборите.

Се обративме до општината зошто е донесена таква одлука за половичен надоместок, кој, според информациите што доаѓаат оттаму, треба да се исплати до крајот на неделава.

Одлуката се темели на Изборниот законик, односно на член 88, став 4, според кој за спроведување на локалните избори, средства се обезбедуват од буџетот на општината и градот Скопје и со нив располага општинската изборна комисија, односно изборната комисија на Градот Скопје, а средства за изборниот материјал се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и со нив располага Државната изборна комисија, ни одговорија од Аеродром, отфрлајќи ги обвинувањата од опозицијата дека постапиле незаконски.

Спротивно, тврдат, дека на овој начин се отвора патот за реализација на обврската за исплата на надоместоците. Што се однесува до решението на ваквата состојба, тие посочуваат кон градот.

Во актуелниот случај, поради тоа што сè уште не се префрлени средствата од Град Скопје, во интерес на членовите на изборните органи, Општина Аеродром одлучи да го исплати делот што е во нејзина надлежност.
Веднаш по префрлањето на средствата од Град Скопје ќе биде исплатен и преостанатиот дел, со што целосно ќе се заокружи оваа обврска
, одговараат од најголемата по број жители, скопска општина.

Слично како Аеродром, постапила и Гази Баба. И таму е донесена одлука за исплата на половина од вкупниот надоместок, јасно ставајќи црта дека дотука е нивната обврска. Во Бутел и во Кисела Вода, пред некој ден се префрлени 70 отсто, токму онолкав дел колку што треба да се исплатат, ако изборите завршат во првиот круг. А, во овие две општини во вториот круг се гласаше само за градоначалник на Скопје.

НЕМА ИСПЛАТИ НИТУ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

И, во Ѓорче Петров, во вториот круг се гласаше само за скопски градоначалник, но во оваа општина и денеска не се исплатени парите за изборните органи што работеле на нејзина територија.

Контактиравме со градоначалникот Александар Стојкоски и побаравме официјално писмено да одговори дали и зошто не се исплатени надоместоците досега, дали има предвидено средства во општинскиот буџет за оваа намена и каде е решението.

ОИК Ѓорче Петров, по завршувањето на изборите, достави Извештај за работа, Преглед за исплата на надоместоци на членовите на избирачките одбори, како и Правилник донесен од Државната изборна комисија.

-Доставениот Преглед содржи вкупни износи за исплата, како и податоци за спроведените изборни активности (прв и втор круг, прегласување, гласање во посебни услови и обуки). Сепак, во него не се наведени поединечни износи по активности, што не овозможува целосно прецизна пресметка на надоместоците.

Дополнително, во наведениот Правилник не е направена јасна дистинкција во однос на распределбата на обврските за исплата помеѓу општините, општините и Град Скопје како посебна единица на локалната самоуправа. Ова прашање е од особено значење за утврдување на точната надлежност и обемот на финансиските обврски.

Во таа насока, укажуваме дека согласно Законот за локалната самоуправа, јасно се прави разграничување помеѓу општините и Град Скопје како посебна единица на локалната самоуправа, што дополнително ја нагласува потребата од прецизно уредување на обврските, пишува во дописот што до „Фокус“ беше официјално испратен од Општината.

Оттаму додаваат и дека како споредбена пракса, при спроведувањето на локалните избори во 2021 година, распределбата на обврските за исплата беше јасно уредена, при што Град Скопје учествуваше со 70 отсто, а општините со 30 отсто од вкупниот износ на надоместоците за избирачките одбори. Ваквото решение овозможи јасна и навремена реализација на исплатите. Токму затоа од Ѓорче Петров уште во ноември се обратиле до ДИК за појаснување, но како што ни посочија, до денеска не добиле одговор. И, поради сето ова, дополнуваат, исплатата не е реализирана, иако средства во општинскиот буџет им се предвидени за таа намена.

 ГРАДОТ МИСЛИ ПОИНАКУ

Но, така не мислат во Град Скопје. Кога ги контактиравме, нè известија дека нивната обврска кон градската изборна комисија е завршена.

Немаме надлежност за исплаќање на обврските на општините. И, по закон и по правилникот на ДИК за исплатата на надоместоците задолжени се општините. Проблемот е настанат со Правилникот од 2021 година, кој ги поделил финансиските обврски меѓу Градот и нив во соодност 70/30 и сега тие (општините) се повикуваат на тој документ, иако за последните избори имаме нов Правилник, информираат за „Фокус“ од Градот.

И, дополнуваат дека на оваа тема, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски имал средба со претседателот на ДИК, Бојан Маричиќ, на која првиот човек на Скопје децидно пренел дека Градот не бега од обврските, ако во актуелната ситуација му ги налагаат прописите.

И, додека скопските општини и Градот си ја префрлаат топката, изборните одредби се децидни дека треба да си ја исполнат обврската. Во ставот четири од членот 88 од Изборниот законик стои дека:

За спроведување на локалните избори средства се обезбедуваат од буџетот на општината и градот Скопје и со нив располага општинската изборна комисија, односно Изборната комисија на градот Скопје, а средства за изборниот материјал се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и со нив располага Државната изборна комисија.

Што значи дека обврската е на општините и градот да си ги подмират. Ние не навлегуваме во тоа во каков сооднос треба да биде исплатата, тоа треба да си се договорат меѓусебно општините и градот, велат од ДИК за „Фокус“.

 –Изборниот законик не предвидува процентуален сооднос за распределба на трошоците помеѓу општините и Градот Скопје. Со оглед на тоа што законот не ја дефинира оваа партиципација, ниту, пак, во Правилникот за надоместоци, прашањето за соодносот на трошоците е предмет на меѓусебна координација и договор помеѓу самите општини и Градот Скопје, во рамки на нивните законски овластувања за управување со сопствените буџети. Надлежноста на Државната изборна комисија (ДИК), согласно член 31 од Изборниот законик, е да донесе Правилник за надоместоци, со кој се утврдуваат критериумите и висината на средствата за ангажираните лица (врз основа на бројот на гласачи, обемот и сложеноста на задачите). Овој Правилник е унифициран и важи за конкретниот изборен циклус, стои во официјалниот одговор на Државната изборна комисија.

Токму затоа ДИК уште минатото лето, со допис ги известила на двапати општините навреме да си предвидат средства за да нема дилеми и луѓето да не чекаат како сега со месеци за исплата на заработениот изборен надоместок.

ИМА И ДОЛЖНИЦИ ОД ОПШТИНИТЕ СО БЛОКИРАНИ СМЕТКИ

Затоа што освен скопските има и барем десетина други општини во државата што не си ја исполниле обврската. Сè уште на исплата чекаат членовите и нивните заменици во Чешиново – Облешево, Пробиштип, Липково, Јегуновце, Крива Паланка, Валандово, Кавадарци, Струмица, Росоман, Могила и Ресен.

Во оваа група не спаѓаат општините што имаат блокирани сметки од најразлични причини. Во нивно име, средствата за надоместоците преку наменска сметка се исплаќаат директно од Буџетот на државата. Се обративме и до Министерството за финансии од каде што ни ги наброија и овие, вкупно 11 општини. Но, и потврдија дека сè уште и за нив не се префрлени.

-Во владина процедура е донесувањето на Одлуката  за одобрување  средства од Буџетот, согласно одредбите од Изборниот законик, а по претходно доставено барање од страна на Државната изборна комисија. Имено, согласно Изборниот законик, вкупно  11 општини имаа блокирани сметки заклучно со 8.8.2025 година (денот на распишување на изборите). И, тоа Арачиново, Делчево, Струга, Пехчево, Тетово, Кривогаштани, Василево, Желино, Гостивар, Врапчиште и Зрновци, одговорија од Финансии.

И, така се доаѓа до бројката од околу 30 општини што, како што напишавме на почетокот, е повеќе од една третина од вкупниот број единици на локална самоуправа, кој според актуелната законска регулатива се 80 плус градот Скопје како посебна единица. Иако, како што рековме, нема краен рок за исплата, одолжувањето може да ги принуди самите членови на изборните тела по судски пат да си побараат исплата на парите. Во таков случај ќе се зголемат обврските за општините затоа што тие ќе бидат обврзани да ги платат и судските трошоци.

ДИК ДА ЈА ПРЕЗЕМЕ ИСПЛАТАТА

За да не дојде до таква ситуација, како што велат од ДИК, доставиле предлог за ново законско решение, кое ќе ги отстрани дилемите околу толкувањето кој е надлежен за исплата.

Во него предлагаме ДИК во целост да ја преземе исплатата на надоместоците за сите изборни органи (ОИК и ИО), за сите видови избори и референдум. На тој начин ќе се обезбеди оперативна ефикасност на терен бидејќи општините целосно да го преземат организирањето на превозот на изборните органи и материјал (од ОИК до ИО и обратно).

Нашите предлози за измена на Изборниот законик се засновани на темелна анализа на претходните изборни циклуси и на предизвиците со кои се соочуваме во пракса при секој изборен циклус. Во последниот случај увидовме дека сегашниот начин на поделени надлежности меѓу ДИК и општините создава непотребни застои, па затоа нудиме поедноставен и поефикасен систем, го објаснуваат својот предлог од централната изборна комисија.

На оваа тема, како што нè известија од ЗЕЛС, пред повеќе од еден месец станало збор меѓу претставници на Заедницата на единиците за локална самоуправа и ДИК.

-И во изминатите изборни циклуси, голем број општини, особено помалите, кои располагаат и со онака скромен буџет, се соочуваа со ваков предизвик. И во тој период и сега, ставот на ЗЕЛС е дека ДИК треба во целост да ги покрие трошоците за паушалите, независно дали станува збор за локални или за парламентарни избори. Поддршката на општините  треба да биде во логистичкиот дел: овозможување безбеден простор за чување на избирачките материјали; простор за непречено спроведување на изборниот циклус, да се запази пристапноста во изборните места за лицата со одредени попречености, потоа да обезбедат потребни технички средства, како копир машини, хартија и слично, стои во дописот што ни го испратија од ЗЕЛС.

Ваквиот предлог и во ДИК, и во ЗЕЛС се убедени дека ќе обезбеди суштинска промена, со што, не само што ќе се заштитат правата на изборната администрација, туку и значително ќе се подигне професионалниот стандард и интегритет на целиот изборен процес. Со оглед дека во тек се пошироки измени на изборните „правила на игра“, се очекува ова прашање да биде едно од тие за кое сите политички партии што учествуваат во работната група да постигнат консензус да биде сменето на начин како што се предлага од ДИК, а во полза на идните членови на изборните органи.

 

Слични вести