Зелен хуман град реагира на сечењето дрвја во дворот на Министерството за внатрешни работи. Оттаму велат дека сечата се изведува спротивно на законот бидејќи сечењето/кастрењето не е извршено со решение издадено од Град Скопје во последните 30 дена.
Според ЗХГ, станува збор за повеќегодишни и здрави дрвја при чие сечење сериозно е оштетена оградата околу МВР. Дополнително, турната е жица за пренесување електрична енергија близу до земјата, која е оставена така речиси еден ден, што директно ја загрозува безбедноста на граѓаните кои поминуваат таму.
„Скопје, во ситуација на екстремна загаденост и ужасен квалитет на воздухот НЕ СМЕЕ да си дозволи понатамошно уништување на урбаното зеленило во градот. Особено е недозволиво кога тоа уништување се прави на здрави дрвја, без разумна причина и противзаконски од страна на институцијата која е надлежна за спроведување на законите,“ велат од Зелен хуман град.