Сакаме да најдеме решение за проблемот со Бугарија што ќе ни обезбеди предвидливост на процесот на евроинтеграција. Има желба од страна на европските институции и од некои земји членки на ЕУ да помогнат да го засилиме меѓусебниот ангажман, да се отвори простор за дискусија. Нашите позиции се апсолутно јасни – во овој момент нема услови за уставни измени поради начинот на кој Бугарија се позиционира, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во вечерашното гостување во Тема на денот на ТВ Сител.
– Треба да разговараме, иако за некои теми не може да се разговара, но убеден сум дека има простор за креативност и доколу има волја од соседна Бугарија може да се дојде до решение. Имаме обврска да работиме и да најдеме решение, рече Муцунски.
Вели дека немало можност за средба со бугарските претстваници за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, но оти комункација меѓу двете страни има.
– Има комуникација, но поради немање интерес од другата страна не може да се каже дека има приближување, рече Муцунски и најави дека следната недела ќе оди во Софија на состанок за Коридорот 8 и очекува да има средба со неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова.
Иако има билатерални контакти, тоа досега не доведе до напредок и затоа, според шефот на дипломатијата, потребна е помош од заинтересираната страна, а тоа е ЕУ. Позитивно гледа на посетата на претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен која кон крајот на неделава доаѓа во Скопје и со која меѓу другото ќе се разговара поконкретно и за оваа тема.
– Посетата на претседателката Фон дер Лајен е корисна, пред сè бидејќи праќа порака дека Европската Унија е заинтересирана за регионот. Второ, ќе имаме можност да дискутираме за внатрешните реформски процеси, но и она што ќе се случува по однос на регионот а по завршување на овој прв циклус на Планот за раст. И несомнено една од темите ќе биде прашањето поврзано со Бугарија и како да се најде решение за истото, рече Муцунски.
Кај нас, вели министерот, нема дилема дека ни е потребно решение, но ставаме една црвена линија – дека мора да се најде решение што ќе ни обезбеди предвидливост и сигурност.
– Имаме проблем со една земја членка, која го држи во заложништво целиот процес на евроинтеграција на земја која спроведува реформи, која е усогласена со надворешната политика на ЕУ и е стратешки определна. Затоа, тој што ни вели сакаме за вас напредок – мора да ни помогне да најдеме решение. Земјите членки на ЕУ и европските институции ни велат дека единствено прашање што треба да се реши се уставните измени, но соседна Бугарија не го вели тоа. Тие велат – треба да го спроведете предлогот од 2022 година. Европската Унија и 26 земји членки ни велат: единствен предуслов се уставните измени. Една земја членка ни вели: има многу повеќе, изјави Муцунски.
Предлогот од 2022 година, којшто за жал, како што посочи, заради непромисленост и лековерност во надворешната политика е прифатен од тогашната наша влада, по толкувањето на соседна Бугарија инкорпорира и други елементи – пред сè од историска гледна точка.
– И тука е недостатокот на предвидливост. И затоа ние велиме: под вакви услови, кога е очигледно дека една земја членка сака да внесе прашања поврзани со историски наративи, со прашања поврзани со јазик, прашања поврзани со нешто што е суверена внатрешно-политичка надлежност на една влада, кога сака такви прашања да внесе во процесот, нема логика ние да пристапиме кон реализирање на што било, затоа што и да се хипотетички, да се заврши тоа, повторно ќе бидеме во иста позиција, рече шефот на дипломатијата.
Според него, слабоста на македонската државна позиција во моментот е опозицијата во земјава, којашто, како што наведе, целосно е усогласена со позициите на Софија.
– Во Бугарија гледате вие една 100% усогласеност, независно дали е тоа власт или опозиција, по однос на нивните државни позиции. Тука имаме опозиција којашто е целосно усогласена со позициите на Бугарија, не со позициите на својата држава, смета Муцунски.
Посочи дека од формирањето на оваа Влада, никој никогаш кажал дека не сакаме да дискутираме со Бугарија, но истовремено разговорите и преговорите не смеат да значат и обезличување на една нација и идентитетот на една нација.
– Што значи – ние во Европската Унија очекуваме да влеземе со засилен идентитет, а истовремено очекуваме ЕУ и пристапниот процес да имаат за цел да ги трансформираат нашите институции, а не нашиот национален идентитет. Тоа е она за што разговараме, тие се нашите позиции и убеден сум дека демократската зрелост во Европа ќе ги препознае тие позиции и ќе ни помогне да најдеме одржливо решение. Нашите позиции многу јасно сме ги артикулирале и пред домашната јавност. Нема потреба македонскиот народ да се грижи дека повторно ќе биде предаден во рамките на било какви разговори. Ние сакаме решение, доколку има услови, но да биде решение низ призма на европските вредности, посочи Муцунски.