Во Мостар синоќа беше убиена 32-годишната Алдина Јахиќ. Ја застрела нејзиниот поранешен партнер Анис Калајџиќ, пишува Дневни аваз.
Бруталното убиство се случило додека таа одела на тренинг. Се обидела да избега од автобуската станица и се засолнила во тоалетот на блискиот ресторан, од каде што успеала да повика полиција. За жал, убиецот ја стигнал и ја убил пред да пристигне помошта.
По извршувањето на злосторството, Калајџиќ, инаку долгогодишен фудбалски судија во Првата лига на БиХ, се обидел сам да си пресуди, но пиштолот се заглавил. Полицијата набрзо пристигнала на местото на настанот и го уапсила.
Дежурната обвинителка на Обвинителството на Херцегованско-неретванскиот кантон, Весна Прањиќ изјави дека несреќната девојка претходно добивала закани од своето поранешно момче.
Таа не ги пријавила, веројатно мислејќи дека сè ќе заврши само со закани.