Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, упати остри критики до Владата, обвинувајќи ја дека води политики кои не обезбедуваат доволна поддршка за семејствата, мајките и децата.
Таа реагираше на изјавата на министерката за образование Весна Јаневска, која на првачињата им порача дека можеби треба да побараат „братче и сестриче“. Според Мојсоска, ваквите пораки се несоодветни во услови кога, како што тврди, породилните надоместоци доцнат, родителите се соочуваат со тешкотии при запишувањето на децата во градинките, а бремени работнички остануваат без работа.
„Додека доцни породилниот надоместок со месеци; додека во градинките дете можеш да запишеш само со молење во штаб; додека бремени работнички остануваат без работа – пратеникот од ДПМНЕ Игор Здравковски се однесува како да е дел од некоја невладина организација, со нула одговорност за политичката катастрофа во Македонија“, напиша Мојсоска.
Таа се осврна и на економската и демографската состојба во земјата, оценувајќи дека повиците за зголемување на наталитетот се во спротивност со условите во кои живеат голем број семејства.
„Министерката Јаневска во ист фазон порача првачињата да побарале ‘братче и сестриче’, во држава со најниска минимална плата во Европа и највисоки социјални разлики“, наведе Мојсоска.
Според неа, носителите на политички функции мора да преземат одговорност за состојбите во државата, наместо проблемите да ги третираат како да немаат директна улога во нивното решавање.
„Да носиш политичка моќ 20 години, директно од тебе да зависат политиките во државата и да покажуваш ваква дрскост и ароганција – со нула чувство на совест и свест дека со твоето владеење државата изгубила повеќе население неголи во Втората светска војна – покажува само со каква отуѓена елита на властодршци е заробена Македонија“, порача Мојсоска.