Најдовме своевиден компромис за Законот за прекршоците, а за техничката влада, генерално, сите се согласивме дека треба да замине во минатото, изјави премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешната лидерска средба во Клубот на пратениците.
Според Мицкоски, ако нема согласност кај сите парламентарни групи да се прифати предлогот за укинување на Пржинската влада, таа да важи и за следните избори, па потоа да се укине.
Но, како што оцени, ќе треба да се направат измени во Законот за Владата зашто има промена во ресорите.
– Јавноста денеска беше сведок на еден поинаков пристап – на отворена, конструктивна дебата полна со предлози и идеи. Се отворија многу прашања. Предложив дебатата да продолжи на ниво на пратенички групи зашто ние сме за надминување на проблемите, а не за создавање нови, истакна Мицкоски.
Тој на лидерската средба, што се одржа по негова иницијатива, беше придружуван од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПНМНЕ, Никола Мицевски.