Мицкоски во Струмица: Знам дека животот и денес е тежок за многумина – градиме темели на промени!

by irena 21:19
21:19

„Наследивме држава со нарушени институции. Со систем што одамна престанал да служи на граѓанинот. Со здравство каде пациентот чека, а не добива. Со администрација што не одговара, туку молчи. Со образование што доцни со светот. Со правосудство во кое повеќе никој не веруваше. Со генерации што си заминуваа од својата земја, не од лошо, туку од безнадежност. Тоа беше, за жал, Македонија што ја затекнавме. Но, тоа не е Македонија што ја прифативме. Не дозволивме тишината да победи. Не дозволивме безнадежноста да стане стандард. Не дозволивме да продолжи поразот“ рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Струмица.

Порача „ги зацврстивме носечките столбови што беа напукнати, довербата, правдата, одговорноста, визијата. Почнавме со тешките темели, невидливи, но неопходни. Темели на кои ќе расте нешто трајно, одржливо, нешто што е навистина вистинско. Ова не беше обичен почеток. Ова беше почеток после долг молк. Почеток после деценија изгубени можности. Почеток кој што природно изникна и дојде од народот. Почеток што беше заслужен. Ова беше почеток што не нуди чуда, туку понуди чесна борба, понуди пат што нема да биде лесен, но ќе води напред. Пат на кој секој ден е нова победа“.

„Знам дека не е лесно. Знам дека животот и денес е тежок за многумина. Последиците од погубното владеење на СДСМ и ДУИ сè уште се чувствуваат, и во семејните буџети, и на шалтерите, и во болничките чекални, и во училиштата. Знам дека инфлацијата што кулминираше во нивното време, под влијание и на надворешни кризи, но и поради нивната неспособност, остави длабоки траги. Системот беше осакатен и тоа не се поправа преку ноќ. Ние не се правиме недопирливи. Ние сме дел од овој народ, ги живееме истите предизвици. Затоа и ја знаеме тежината на задачата што ја преземавме. Но уште повеќе, ја знаеме одговорноста. Има многу што треба уште да се направи. И потребно е време тие промени да се почувствуваат во секое семејство, во секој живот“ порача премиерот.

Рече „Почнавме да градиме држава по мерка на граѓанинот. Држава која што ќе те слушне. Држава што ќе те почитува и она што е најважно, држава што ќе ти служи. Струмица тие промени ги чекаше повеќе од кого било. И оваа есен, сигурен сум, дека ќе бидат заокружени со огромна победа на локалните избори. Премногу долго, овој град и сите негови околни места беа заробени од една фамилија, од една фамилија која се однесуваше како Струмица да е нивен личен имот, а не град на горди струмичани. Заборавија дека Струмица му припаѓа на граѓанинот, не на фирмите и круговите во кои тие се затворија“.

„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме, гаранција за услуга во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба, туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе воведеме јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“ порача Мицкоски.

Слични вести