Мицкоски: Сакаме повеќе инвестиции, но инвестиции кои создаваат квалитетни и доброплатени работни места

by irena 13:26
13:26

Националната програма за достоинствена работа 2026-2030 претставува заедничка обврска на Владата, работодавачите, синдикатите и институциите за унапредување на условите на пазарот на трудот, обезбедување квалитетни работни места и поголема заштита на работничките права, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод потпишувањето на програмата.

Како што соопштуваат од Владата, Мицкоски истакна дека програмата е насочена кон надминување на предизвиците со кои се соочува државата, меѓу кои недостигот од квалификувана работна сила, иселувањето на младите, недоволната продуктивност и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на стопанството. Според него, целта е економскиот раст да се преточи во подобар животен стандард за граѓаните и отворање квалитетни и добро платени работни места.

– Денешното потпишување на Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026-2030 година го гледам како важна заедничка обврска. Обврска на Владата, на работодавачите, на синдикатите и на сите институции коишто имаат одговорност за иднината на македонската економија. Нашата цел е јасна: да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот – посочи Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата е определена за економски раст што директно ќе се одрази врз животниот стандард на граѓаните, преку создавање услови за нови инвестиции и подобри можности за вработување.

– Ние сакаме економија која расте, но уште поважно, економија чиј раст го чувствуваат граѓаните. Сакаме повеќе инвестиции, но инвестиции кои создаваат квалитетни и доброплатени работни места. Сакаме успешни компании, затоа што без успешни компании нема силна економија. Но истовремено сакаме и задоволни, заштитени и мотивирани работници. Овие две цели не се спротивставени. Напротив, тие се меѓусебно поврзани – рече премиерот.

Во обраќањето, Мицкоски посебно се осврна на младите и на потребата од создавање услови тие својата професионална иднина да ја градат во државата, како и на поголемото економско вклучување на жените на пазарот на трудот.

Тој потенцираше дека следниот период ќе биде посветен на реформи во трудовото законодавство, модернизација на институциите, зајакнување на инспекцискиот надзор и развој на вештини што ќе ја зголемат конкурентноста на економијата.

 

Слични вести