Заплената на марихуана во заедничката акција на Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во изминатиот период, според премиерот Христијан Мицкоски, претставува само почеток на поширока и посеопфатна истрага.
Одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Општина Кисела Вода, Мицкоски посочи дека институциите располагаат со одредени индиции и докази кои упатуваат на значително поголем обем на случајот. Како што наведе, истрагата што ја спроведува МВР опфаќа и анализи на одредени телефони и комуникации, без да навлегува во конкретни детали.
„Ова е само почеток. Врз основа на индициите со кои располагаме, како и активностите што ги презема Министерството за внатрешни работи во рамки на истрагата, станува збор за процес што ќе има многу пошироки размери“, изјави премиерот.
Тој најави дека на денешната владина седница се очекува да биде донесена одлука за спроведување проверки во сите правни субјекти и објекти кои имаат добиено лиценци за одгледување марихуана за медицински цели.
Премиерот информираше и дека поради претходно преземени обврски нема да претседава со седницата на Владата, туку со неа ќе раководи вицепремиерот задолжен за политички систем, Љупчо Димовски.
„Очекувам вакви одлуки да бидат донесени и во наредниот период, а сите компании што на каков било начин добиле лиценца за вршење на оваа дејност да бидат темелно проверени“, нагласи Мицкоски.