Билал Касами е можно во името на Беса да побара разрешување на некој од министрите што доаѓаат од нивните партиски редови, по состанокот на Централното собрание на партијата најавен за денеска. Ваква разврска на настаните може да се наслути по синоќешниот телевизиски настап во емисијата „Клик плус“ во која Касами потенцираше дека не е задоволен од перформансите на Движењето на Беса во коалицијата ВРЕДИ и во Владата.
Касами во синоќешното интервју, како што рече, лично смета дека капацитетот е доста поголем од досега покажаното . „Не можам да кажам дека сме целосно задоволни, бидејќи секогаш е потребна поголема посветеност од сите ресори што ги водиме. Направивме неколку анализи за силните и слабите страни на Движењето Беса во ВЛЕН, и како дел од ВЛЕН во Владата. За денес свикавме состанок на Централното собрание за да ги разгледаме овие прашања и да ја процениме нашата позиција во Владата и да донесеме одлука за нашето понатамошно делување. Верувам дека таму сите функционери ќе известат за тоа каков е резултатот од нивното управување со институциите, а како главно тело на Движењето Беса помеѓу двата конгреса ќе заземеме и ставови за тоа колку сме задоволни и дали можеше да биде подобро“, рече Касами.
Ваквите зборови од Касами се толкуваат како порака до министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани. Неофицијалните сознанија упатуваат на тоа дека “на тапет“ пред највисокото партиско тело се очекува да се најде токму тој. И, тоа би било кулминација на нивните „студени“ односи кои подолго време ги имаат. А, кои во политичките кругови се толкуваат како меѓусебна нетрпеливост предизвикана наводно од блискоста што Лимани ја има директно со премиерот Христијан Мицкоски. Т
Токму Мицкоски денеска застана во одбрана на Лимани, нарекувајќи го додадена вредност во Владата. Прашан како ги коментира неофицијалните информации дека Движењето Беса ќе побара разрешување на министерто Лимани, премиерот рече дека нема таква информација. Но, и остро му одговори на челникот на Беса Касами.
„Мислам дека Лимани е додадена вредност во Министерството за социјални работи. Јас сум мандатар на Владата и јас ја составувам. Ако некој тоа го заборавил, еве да го потсетам“, изјави Мицкоски.
„Фокус“ го контактираше и министерот Лимани да каже мислење зборовите на првиот човек на Беса. Тој најави подетална изјава по евентуалната одлука на највисокото партиско тело. Само кусо прокоментира – „Јас спроведувам проекти што се во интерес на народот и државата. Не прифатив позиција за исполнување на партиски и лични желби“, потенцираше Лимани.
З.Ф.