Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на одлуката на ОЈО за затворање на предметот поврзан со модуларните болници, при што се осврна и на трагедијата во Тетово во која животот го загубија 14 лица.
Тој посочи дека постапката трае веќе пет години. Мицкоски ја критикуваше одлуката на обвинителот оценувајќи дека со неа постапката е запрена и покрај трагичните последици од пожарот.
„Во модуларната болница во Тетово живи гореа 14 луѓе. Ќе повторам, живи гореа 14 луѓе“, рече Мицкоски.
Го критикуваше обвинителот кој е во заминување, поврзувајќи ја одлуката со негови односи со претходната владејачка гарнитура.
„За жал, обвинителот којшто е во заминување, бидејќи, од тоа што сум информиран, е распишан оглас за избор на нов обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, претпоставувам, своите должничко-доверителски односи кон претходната влада одлучува да до крај ги испорача и не му значи тоа што живи гореа 14 луѓе“, изјави премиерот.