Мицкоски најави жесток одговор по вчерашните протести со палење оган поради „Безбеден град“
-Ќе биде одговорено жестоко, за да не се повтори вчерашното дивеење што се случи, кажа премиерот за протестите на дел од граѓаните од ромска националност
За протестите и блокадите на неколку патишта во земјава од страна на граѓани од ромската заедница и критиките кон проектот „Безбеден град“, премиерот Христијан Мицкоски вели дека утрово разговарал со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и побарал од него да биде санкциониран секој оној кој јавно упатил закани и го загрозил мирот и безбедноста.
-Она кое што го побарав од него е кон секој оној кој што го прекршил законот, се заканувал и го загрозил мирот на граѓаните, жестоко да се одговори. И ќе биде одговорено жестоко, за да не се повтори вчерашното дивеење што се случи, кажа премиерот по одбележувањето на 4 февруари – Денот на раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.