Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека веќе ги добил предлозите на ВРЕДИ и ЗНАМ за новите министри во реконструираната Влада, дека за него тие предлози се сосема во ред и дека очекува поуспешна работа на новиот владин состав.
– Да, ги имам предлозите и за новите министри од ВРЕДИ и од партијата ЗНАМ, но ќе оставам тие да ги кажат, да не ги кажувам јас. За мене тие предлози се сосема во ред и очекувам да имаме уште поуспешна работа во новиот состав на Владата, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на Општина Кисела.
Премиерот нагласи дека ВРЕДИ во новата реконструирана Влада ќе ги добие министерските позиции во министерствата за правда, за односи меѓу заедниците и за култура и туризам.
Според објавите во медиумите, од редовите на ВРЕДИ за министер за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор.
Министерството за односи меѓу заедниците ќе го раководи Агон Ферати, додека за нов министер за правда е предложен професорот по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа, Јетон Шасивари, кој ќе го наследи Игор Филков.
Предлогот за нов реконструиран состав на Владата се очекува до петок да биде испратен до Собранието, а најдоцна до средината на јули да биде избран новиот владин состав.