Мицкоски до Филипче: Јас не сум тој што дозволува декласифицирање, да почекаме да се произнесе јавното обвинителство

by irena 13:29
13:29

И Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност доставија до Јавното обвинителство тоа што имаа да достават. Да почекаме Обвинителството да се произнесе, и да видиме како ќе биде понатаму. Јас не сум тој што којшто дозволува да се класифицира или да не се класифицира, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче. Мицкоски додаде дека претпоставува дека Јавниот обвинител ќе се однесува во интерес на правдата и на вистината.

Филипче го праша Мицкоски зошто не дозволува декласификација на материјалите од прислушкувањето кога бил лидер на опозицијата, со заштита на идентитетот за да се види дали имало или немало злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност и дали треба некој да одговара.

– Се мислам дали да одговорам на еден или на друг начин, но во суштина ќе ви кажам дека повторно некој ве носи во длабоко. Не знам зошто го дозволувате ова во континуитет, сепак сте претседател на сеуште најголемата опозициска партија и не ми е се уште јасно зошто дозволувате континуирано некој во длабоко да ве носи. Што мислите вие дека јас ќе излезам овдека од егзибиционистички причини и ќе кажам дека некој тоа го правел па за да добијам внимание, да дефокусирам тема, или, еве ќе видите со тек на време ќе видите, рече Мицкоски од собраниската говорница на седницата за опозициски прашања.

Ако Обвинителството си ја врши работата како што треба да ја заврши, потенцира премиерот, ќе видите како биле следени и кој бил следен во двете служби, кој ги пишува оние писма до медиумите, зошто ги пишува тие писма до медиумите, кои се мотивите за сето тоа…

– Јас не сум тој којшто дозволува да се класифицира или да не се класифицира господине Филипче. Има други институции коишто тоа го прават, не јас. Јас само го коментирам тоа што го кажуваат во јавност. И нормално е како претседател на Владата да добивам извештаи од страна на тие институции, нормално е од безбедносните агенции, и нормално е да знам што пишува внатре, бидејќи сум носител на сертификат за највисока државна тајна, рече Мицкоски.

Според премиерот, тоа што се случувало не е од сега, туку во континуитет години наназад, и во едната и во другата служба имало луѓе кои се занимавале со полицијата.

– Некои други пак креирале вештачки белешки за некои луѓе да завршуваат во притвори, невистинити белешки, итн. вие ги праќате тие луѓе по светот да бидат аташеа итн. Јас нема да навлегувам во деталите. Претпоставувам Обвинителството, но ист обвинителот којшто вие не дозволивте овдека да биде сменет, бидејќи изгласан од мнозинството на ДУИ и СДСМ, претпоставувам ќе се однесува јавно обвинителски во интерес на правдата, во интерес на вистината и ќе дозволи декласификација или пак не знам што веќе таму по правните правила е на ред да го направи тоа и да излезе, кажа Мицкоски.

Во одговорот до Филипче, Мицкоски вели дека најмал проблем е тоа што тој бил покриван и физички, и како било, туку дека и членови на Владата на СДСМ „биле покривани, новинари, бизнисмени“, прашувајќи дали тогашниот премиер, кој сега е пратеник, бил информиран дека тоа е правено.

– Тоа е суштината, но тоа е периодот кога тој бил премиер. Пред него друг бил премиер и не знам дури дали тој знаел дека тоа било. Оставете ме мене јас сум ви бил политички противник, решил некој таму да се заигра малку повеќе, во ред разбирам, нема проблем. Во самата ваша Влада имало луѓе што биле покривани. Тоа е поголемиот проблем за мене. Затоа ви велам повторно ве носат во длабоко. Оставете ја таа работа. Дајте да зборуваме за други теми, рече Мицкоски.

Слични вести