Мито од 1.500 евра барал возачот на Јанушев, требало да ,,среди” за вработување на пожарникар во Град Скопје

by valentina 11:40
11:40

Од Обвинителството соопштија детали за апсењето на вработен во Службата за општи и заеднички работи на Владата, а за кој медиумите објавија дека е возач на генералниот секретар Игор Јанушев.

-Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривична пријава поднесена од Единицата за корупција при Бирото за јавна безбедност, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице вработено во Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија. Постои основано сомневање дека осомничениот сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, велат од Обвинителството.

Оттаму појаснуваат дека апсењето следува по пријава на граѓанин.

-Постапката е иницирана по пријава на граѓанин од кого осомничениот, во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година, побарал 1.500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание. Осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на оштетениот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари.

По пријавувањето, надлежните органи, во координација со предметниот обвинител, презедоа дејствија за обезбедување докази. На 4 септември 2026 година, осомничениот е затекнат при примопредавање на 500 евра како дел од побараната награда од 1.500 евра, кои претходно биле обележани.

Ценејќи дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците во постапката, како и околности што го оправдуваат стравувањето дека може да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и со решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена, велат од Обвинителството.

Навременото пријавување на корупцијата и подготвеноста на граѓаните да соработуваат со надлежните институции е исклучително важно, додаваат од таму.

-Пријавувањето на барање или понуда за поткуп и противзаконито влијание овозможува навремена реакција, обезбедување докази и ефикасно постапување на надлежните органи. Јавното обвинителство ги охрабрува граѓаните да ги пријавуваат ваквите случаи и да соработуваат со надлежните институции и останува посветено на одлучно постапување по сите сознанија за коруптивно однесување за кои постојат основи за преземање обвинителски дејствија, велат од Обвинителството.

Слични вести