Портпаролката на Владата, Марија Митева, во гостување на 4ТВ ги отфрли обвинувањата на опозицијата за наводен притисок врз Јавното обвинителство, оценувајќи дека станува збор за обид СДСМ да ја изедначи актуелната власт со практиките од минатото.
Говорејќи за комуникацијата меѓу премиерот и државниот јавен обвинител, Митева истакна дека институционалната комуникација не смее да се поистоветува со влијание врз истраги и судски постапки.
„Прашањето не е дали имало разговор – тоа е нормално за јавни функции. Клучното прашање е дали има кривично дело или противзаконско дејство. Овие тези ги пласираат структури на СДСМ, истите кои во минатото преку адвокати договараа предмети по бензински станици“, изјави Митева.
Таа потсети и на, како што рече, јавни сведоштва од обвинители поврзани со претходната власт, според кои високи функционери на СДСМ влијаеле врз приоритетите во истрагите.
„Слушнавме обвинител кој јавно кажа дека Спасовски, Шекеринска и Заев во Специјалното јавно обвинителство кажувале на кои предмети да се даде приоритет. Тие луѓе денес тргнуваат од себе и мислат дека сите постапуваат така“, рече Митева.
Во однос на изборот на новиот државен јавен обвинител, таа оцени дека станува збор за почеток на „нова ера“ во функционирањето на обвинителството, правејќи споредба со претходното раководство, кое според неа било заштитувано и покрај игнорирањето на извештаи од Државниот завод за ревизија.
На прашањето дали Владата открила докази за криминал кај претходната власт, Митева посочи дека не сака да коментира истражни постапки, но додаде дека се утврдени бројни неправилности во институциите.
„Не сакам да зборувам за работи надвор од мојата надлежност, особено за истраги. Но, од она што е пласирано во јавноста, евидентно е дека низ институциите се направени низа погрешни постапувања од претходните раководства. Верувам дека надлежните институции ќе постапат соодветно и ќе ги процесираат доказите до обвинителството“, изјави таа.
Митева додаде дека, според неа, денес во обвинителството повеќе нема внатрешни скандали и несогласувања околу поставувања и насоки за постапување, што, како што рече, било честа појава во минатото. Таа изрази очекување обвинителството во иднина поактивно да постапува во случаи што со години ја интересираат јавноста.