Министерството како детска соба на малиот Артан

by fokus

Вицепремиерот Артан Груби, кој за себе си воведе посебна функција – прв вицепремиер за да биде повисоко од останатите вицепремиери, деновиве е расположен за дриблање. Се потруди тоа и сликовито да ни го прикаже, кога со своите колеги министри од ДУИ играа фудбал во неговата канцеларија. Не ни остави ниту простор да се побуниме дека тоа е несериозно за една државна институција, па иронично се извинуваше ако ни сметало тоа што играле фудбал и баскет. 

Пишува: Катерина Смилева Божиновска

Но, проблемот не е што министрите имале желба за спортски активности, проблемот е каде тоа го прават. Доколку во детството имале желба да имаат голчиња и кош во својата соба која не им била исполнета, изгледа сега Министерствата ги гледаат како свои детски соби. Така и се однесуваат.

Има и поголеми проблеми, каде што Груби дрибла на едно повисоко ниво. Потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, за изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10. Е, тука беше вистинското дриблање за кое се заинтересира и Државната комисија за спречување корупција. Ќе испитува како пред тенедерот Владата ја поништила забраната за фирмата „Ептиса“, која е една од подизведувачите, таа да не биде ангажирана на градежни надзори поради неетичко и непрофесионално однесување.

За да не одговара на овие тешки прашања, како и за спорното минато на Бехтел и Енка во соседството, Груби ги искористи своите дриблерски способности и на вчерашната прес конференција со новинарите. Наместо суштинска дебата за спорните прашања, првиот вицепремиер (да му ја исполниме желбата и да го користиме тој назив на кој инсистира) се пресметуваше со новинарите кој бил забеган, па глумеше навреден… Почна и да ги покажува чорапите, да ја вади и подарува милитантната вратоврска… Направи шоу, фалеше уште само да стои на глава. И тоа немаше да му претставува проблем, само за да не одговори на суштинските прашања.

И додека Артан ја дрибла цела држава, „Огнените“ се обидуваат да го издриблаат него. Засега, тешко им оди, бидејќи првиот вицепремиер е миленик на лидерот Ахмети. Ја има целосната неговата поддршка и барем засега, тој не се откажува од својот прв дриблер и по цена на дестабилизација на партијата. Битката на линија Груби – Огнени се разгорува, а како тој меч ќе заврши, останува да видиме. Судијата Ахмети ќе одлучи кога ќе свирне крај.

А, ДУИ не дрибла со години. Успеа да излезе од коалициската влада со Груевски без никаква одговорност и сега да продолжи како ништо да не се случило. Ние граѓаните, изгледа не знаеме да играме фудбал. ДУИ дрибла, си подава со тендери, пласира невистини и секогаш на крајот дава гол. Ние немо стоиме и гледаме, а не ни текнува да направиме некоја измена. Шанса на теренот да добие некој што ќе знае да и ја земе топката на ДУИ. Да направи пресврт и да и даде гол со пета. Време се помалку има, а второто полувреме е одамна започнато. Трето нема да има.

 

 

Поврзани новости