Милошоски: Стратегијата што ја усвоивме на Конгресот е за стабилна и модерна Македонија

by vlatko 12:46
12:46

На вчерашниот Конгрес во Кавадарци, ВМРО-ДПМНЕ ја усвои стратегијата „Ново поглавје-Македонија 2030“, што значи визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија, со јасно дефиниран политички и развоен правец за следната деценија, изјави на денешната прес-конференција пратеникот Антонио Милошоски.

-Стратегијата се заснова на идејата дека државата мора да излезе од циклусот на краткорочни одлуки и да воведе долгорочен план и систем за управување, а тоа се создава преку институции со силен интегритет, конкурентна економија и општество засновано на вредности и национална самодоверба – рече Милошоски.

Тој додаде дека документот ја позиционира ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила подготвена да ја преземе одговорноста и улогата за ова државничко лидерство.

-Клучната амбиција е оваа Стратегија е Македонија да стане земја што создава стабилност, економска додадена вредност и институционална зрелост, со национален идентитет што се почитува, а не се условува дневно политички. Стратешката рамка за 2025-2030 содржи шест клучни стожери што ќе водат развој на државата – истакна Милошоски.

Во таа насока, тој посочи дека тие стожери се државната безбедност, економската конкурентност, правната држава, демографските политики, европската интеграција и надворешната политика и образованието, културата и идентитетот.

-Имаме стратегија за сајбер-безбедност, стратегија за една геоекономска дипломатија, што ќе ја поврзе и дипломатијата со геополитичките поместувања во последниве неколку години – рече Милошоски.

Слични вести