На денешната седница за опозициски пратенички прашања, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, упати остри критики кон надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој на почетокот праша зошто министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не присуствува на седницата, алудирајќи дека неговото отсуство можеби е поврзано со изградбата на нов објект на кровот на Министерството за надворешни работи.
Мециновиќ потсети на гласањето на Македонија во Генералното собрание на Обединетите нации против резолуцијата за прекин на огнот во Газа, оценувајќи дека таквиот потег е спротивен на очекувањата на јавноста и на традицијата на македонската дипломатија.
Тој нагласи дека ова е првата влада која гласала против укинување на ембаргото кон Куба, што, според него, претставува најгруб дисконтинуитет во досегашната надворешна политика на државата.
Пратеникот од Левица се осврна и на односите со Кина, безвизниот режим и прашањето за Тајван, како и на поширокиот геополитички контекст. Тој ја обвини Владата дека во услови на зголемена непредвидливост на САД, ја врзува надворешната политика исклучиво за американската линија, запоставувајќи ја европската перспектива.
„Албанија воведе безвизен режим со Кина и се приближува кон Европската Унија, а вие не воведувате безвизен режим и се оддалечувате од ЕУ. Каде оди овој брод?“, праша Мециновиќ