Мециновиќ: Не им давате на луѓето да се опорават од коцкање

by irena 13:25
13:25

На комисиската расправа за Предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, го образложи амандманот со кој неговата пратеничка група бара забраната за рекламирање на коцкањето да се прошири и на спортските клубови, културните и младинските настани, медиумите, интернет-порталите, социјалните мрежи, како и на јавните личности и инфлуенсерите.

Според Мециновиќ, Македонија има можност да направи значаен чекор во справувањето со последиците од коцкањето, особено поради сѐ поагресивните и пософистицирани маркетиншки стратегии на приредувачите на игри на среќа.

„Некогаш коцкањето беше нешто што се поврзуваше со одредена група луѓе. Денес се претставува како нормален дел од секојдневието и како вообичаена социјална активност“, истакна тој.

Пратеникот нагласи дека рекламите не влијаат само врз лицата кои никогаш не се коцкале, туку и врз оние кои веќе имаат проблем со зависност или се обидуваат да закрепнат. Дополнително, според него, присуството на коцкарски реклами во спортот, на интернет и преку јавни личности испраќа порака до младите дека коцкањето е општествено прифатливо однесување.

„Рекламирањето ги поттикнува луѓето кои веќе коцкаат да продолжат со таа навика, а на оние кои се обидуваат да се откажат им создава дополнителни искушенија и тригери за повторно враќање кон коцкањето. Прашањето е едноставно – дали сме подготвени да ставиме крај на рекламирањето на коцкарниците во Македонија?“, порача Мециновиќ.

Со амандманот, Левица предлага значително построги ограничувања за промоција на игрите на среќа, со цел да се намали нивното влијание врз граѓаните, особено врз младите и ранливите категории.

Слични вести