Лионел Меси испиша историја и стана најдобар стрелец во историјата на Светските првенства, а неговата Аргентина ја совлада Австрија со 2-0 во дербито од второто коло во групата Ј, одиграно во Тексас.
Меси го постигна победничкиот гол за актуелниот светски шампион во 39. минута и со тоа, со 17 погодоци, го престигна Германецот Мирослав Клосе на вечната листа на најдобри стрелци на Мундијалите, а во самиот финиш уште еднаш беше кобен за Австријците.
Пред головите, капитенот на „гаучосите“ промаши пенал, но тоа не ја чинеше скапо селекцијата на селекторот Лионел Скалони, која по првите две кола има максимален ефект и е лидер во групата пред Австрија, која има три бода. Јордан и Алжир, кои сè уште немаат освоено бод, својот натпревар од второто коло ќе го одиграат утре.
Актуелниот светски шампион уште од самиот почеток го наметна своето темпо на стадионот во Далас и создаваше притисок кон голот на Австријците.
Веќе во четвртата минута „гаучосите“ ја создадоа првата голема шанса. По одличното додавање на Енцо Фернандез, во можност се најде Лаутаро Мартинез. Двајца дефанзивци на Австрија влегоа во лизгачки старт за да го спречат напаѓачот на Интер да шутира, а судијата од Египет, Мохамед Омар, по прегледување на ВАР-снимката покажа на белата точка.
Одговорноста ја презеде капитенот Лионел Меси, кој со погодок ќе станеше најдобар стрелец во историјата на Мундијалите и ќе го престигнеше Мирослав Клосе, но наместо тоа многу лошо го изведе пеналот, целосно го промаши голот и остана без рекордот, барем во тој момент.
На Меси не му се посреќи ниту во двете одлични ситуации во првите половина час од натпреварот. Во двата наврати на вистинското место беше капитенот на Австрија, Давид Алаба.
Најпрво дефанзивецот на Реал Мадрид ја оттурна топката од нозете на Меси во 19. минута, а потоа десет минути подоцна го блокираше неговиот удар од одлична позиција.
Никој не можеше да го спречи Меси да испише историја во 39. минута. Аргентинците изведоа перфектна акција која ја започна токму капитенот на десната страна. Топката се префрли на спротивниот бок до левиот бек Факундо Медина, кој центрираше во средината, а Меси од околу петнаесет метри во свој стил го погоди долниот десен агол на австрискиот гол и со 17 погодоци стана најдобар стрелец во историјата на Светските првенства.
На првата шанса за Австрија се чекаше до 55. минута, кога Марсел Забицер добро изведе слободен удар, но Емилијано Мартинез со одлична интервенција го одбрани неговиот обид.
Аргентинците не беа толку опасни како во првото полувреме. Дополнителен проблем за селекторот Скалони беше повредата на стандардниот стопер Кристијан Ромеро, на чие место влезе искусниот Николас Отаменди, додека Лаутаро Мартинез и Тиаго Алмада беа заменети од фудбалерите на Атлетико Мадрид, Нико Гонзалез и Хулијан Алварез.
На овие измени на „гаучосите“ одговори селекторот на Австрија, Ралф Рангник, кој во игра го внесе најдобриот стрелец во историјата на репрезентацијата, Марко Арнаутовиќ, а Давид Алаба му ја предаде капитенската лента.
Аргентинците можеа да го решат прашањето на победникот 18 минути пред крајот. Меси изведе корнер, а Нико Гонзалез шутираше со глава, но од добра позиција не успеа да ја погоди ниту рамката на голот.
Без поголеми проблеми, избраниците на Лионел Скалони во завршницата ја зачуваа минималната предност и заслужено стигнаа до победата.
Последната можност за израмнување Австријците ја имаа во самиот финиш по прекин. Кевин Дансо со глава ја префрли топката до Патрик Вимер, но неговиот удар заврши покрај голот.
Веќе во следниот напад Меси поведе контранапад во кој му се приклучи Хулијан Алварез, но напаѓачот на Атлетико Мадрид не успеа да постигне гол. Сепак, топката повторно стигна до Меси, кој низ шумата од противнички нозе успеа да го пронајде патот до мрежата и да заокружи уште едно незаборавно издание.
Во последното коло од групата Ј, Аргентина ќе игра против Јордан, додека Австрија ќе се соочи со Алжир.