Германскиот канцелар Фридрих Мерц повторно зазеде остар став кон Москва, изјавувајќи дека Русија „ќе ја плати цената“ доколку продолжи конфликтот во Украина и тврдејќи дека Москва не е заинтересирана за сериозни преговори.
Мерц го изјави ова по првата средба меѓу шефовите на дипломатијата на Германија и Русија од почетокот на војната во Украина.
На 26 септември, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул се сретна во Њујорк со својот руски колега Сергеј Лавров, на маргините на Генералното собрание на ОН.
„Подоцнежната оценка на Русија за таа средба покажа дека Русија очигледно воопшто не е заинтересирана за сериозни разговори во овој момент“, рече Мерц, најавувајќи дека Германија ќе продолжи да ја поддржува Украина во воена, политичка, финансиска и економска смисла.
Германскиот канцелар отиде и чекор понатаму, тврдејќи дека Русија нема да ја добие војната и дека продолжувањето на конфликтот ќе предизвика огромна штета на нејзината економија.
„Русија ќе ја плати цената ако ја продолжи војната“, рече Мерц.
Сепак, текот на разговорот меѓу Вадефул и Лавров покажа колку се оддалечени ставовите на Берлин и Москва.