Маж загина кога делови од украински дрон го погодија неговиот автомобил во рускиот град Сочи, објави денес гувернерот на Краснодарската област, Венијамин Кондратиев.
Според прелиминарните информации, околу шест приватни куќи се оштетени во нападот на украински беспилотни летала врз Сочи.
Службите за вонредни ситуации и специјалните служби работат на терен, додаде Кондратиев во објава на Телеграм, пренесува Интерфакс.
Претходно, во текот на ноќта, Росавијација воведе ограничувања за пристигнување и заминување на воздухоплови на аеродромот во Сочи, пренесува Танјуг.
Руската воздушна одбрана собори 31 украински дрон над руска територија во текот на ноќта, објави Министерството за одбрана на Русија.
Како што е наведено, 15 беспилотни летала се соборени над Црното Море, седум во Белгородската област, три во Курск, два во анектираниот Крим и Краснодарската област, по едно во Тамбовската и Воронежската област.