Македонските фудбалери вечерва пред полни трибини ѝ гостуваат на БиХ

by irena 10:55
10:55

Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Сараево ѝ гостува на Босна и Херцеговина, пред соочувањето со Турција, в понеделник во Истанбул, во двата контролни натпревари кои новиот селектор Гоце Седлоски ги најави како генерална подготовка за настапот во новиот циклус во Лигата на нации оваа есен.

Седлоски за двата натпревари повика 27 фудбалери, вклучувајќи петмина дебитанти (Дин Аломеровиќ, Георгије Јанкулов, Дарко Анѓелески, Дарко Додев и Азер Омерагиќ), додека капитенот Енис Барди отпадна од составот поради повреда.

„Новите фудбалери донесоа свежина во тимот, а добро беа прифатени и од останатите репрезентативци. Повикав повеќе нови играчи и сите ќе добијат шанса да се докажат. Имам неколку варијанти за замена на повредениот Барди, а конечната одлука ќе ја донесам по денешниот тренинг“, изјави Седлоски на вчерашната официјална прес-конференција.

Во отсуство на повредениот Барди, капитенската лента ќе ја носи голманот Столе Димитриевски, кој истакна дека натпреварот со БиХ ќе биде добра подготовка за предизвиците кои им претстојат во Лигата на нации.

Вечерашниот натпревар ќе стартува во 20:30 часот пред полни трибини на реновираниот стадион „Асим Ферхатовиќ“, откако сите билети беа распродадени за помалку од два часа.

Слични вести