Македонија станува елдорадо за енергетските инвеститори: Грчка гасна централа ќе го замени РЕК Битола?!

by irena 12:53
12:53

Пристигнати се над 200 иницијативи за изградба на ветропаркови со вкупен инсталиран капацитет од 1.590 мегавати, фотонапонски електрани – 5.052 мегавати, когенеративна гасна централа со капацитети од 495 мегавати, гасна централа со мотори – 21 мегават, самостојни складишта за батерии од 2.596 мегавати и експериментални објекти со 288 мегавати. Во планот за 2026 година, математички тоа е околу потенцијални 7.100 мегавати кои би се добиле од гасна централа, ветер и сонце.

 

Пишува: Орце КОСТОВ

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини почна со практичната примена на Законот за енергетика и воведување транспарентен и предвидлив процес на планирање на развојот на енергетските објекти и енергетските мрежи во Македонија.

За 2026 година ќе се изготви годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ќе ги дефинира насоките за изградба на нови објекти и зајакнување на енергетските мрежи, како и насоките за развој на нови енергетски објекти во кои државата ќе се јави како инвеститор со цел стабилизација на системот и зголемување на безбедноста во снабдувањето со електрична енергија.

Според министерката за енергетика, Сања Божиновска, овој процес е од особена важност за државата затоа што обезбедува конкретна слика за приоритетите во развојот на енергетските капацитети и овозможува стратешко насочување на инвестициите, со цел стабилно снабдување со електрична енергија и правна сигурност за инвеститорите.

„Со овој транспарентен процес, секој потенцијален инвеститор ќе има јасна слика за потребите и приоритетите на нашата држава. Секоја иницијатива ќе биде детално технички обработена, со јасно дефинирани можности за приклучок и потребните зајакнувања на мрежата. Нашата цел е енергетскиот систем да се развива одржливо и да обезбедува стабилно снабдување за сите граѓани“, истакна Божиновска.

Според методологијата на Планот, проектите уште во рана фаза ќе бидат детално технички обработени, ќе се дефинираат потребните интервенции во дистрибутивната и преносната мрежа, за секоја иницијатива ќе се изготват варијанти за приклучок, јасно и транспарентно ќе се презентираат потребните зајакнувања и надградби на соодветните енергетски системи, како и роковите за реализација, ќе се елиминираат несигурностите околу приклучувањето на проектите кон мрежата и ќе се обезбеди правна сигурност за инвеститорите и предуслови за финансиска поддршка од институциите.

Секој инвеститор-приватна компанија, физичко лице, општина или јавно претпријатие има можност да достави иницијатива. Секоја иницијатива ќе биде анализирана според: видот на технологија за производство на електрична енергија, техничките и технолошките карактеристики на опремата, инсталираната моќност и балансниот капацитет, регионот на реализација, како и можностите за приклучок кон енергетските системи. Рокот за доставување на иницијативите за 2026 година беше до 30 септември.

ИНИЦИЈАТИВИ ОД 7.100 МЕГАВАТИ

Министерката Божиновска, на брифинг со новинарите откри до каде е процесот на имплементација на новиот Закон за енергетика и воведувањето годишен План за инвестиции, кој се воведува за првпат, а информираше и какви инвестиции планираат инвеститорите во енергетскиот систем на Македонија, кој доживува експанзија во последните пет години.

Според пристигнатите пријави, иницијативите се однесуваат на изградба на ветропаркови со вкупен инсталиран капацитет од 1.590 мегавати, фотонапонски електрани – 5.052 мегавати, когенеративна гасна централа со капацитети од 495 мегавати, гасна централа со мотори – 21 мегават, самостојни складишта за батерии од 2.596 мегавати и експериментални објекти со 288 мегавати.

Во планот за 2026 година, математички тоа е околу потенцијални 7.100 мегавати, кои би се добиле од гасна централа, ветер и сонце. Ова е бројката од пристигнати иницијативи, но тоа не значи дека сите ќе влезат во планот за следната година.

„Ова е само предлог, сега треба да видиме ако некој не доставил целосна документација, може и да не влезе во планот“, рече Божиновска, притоа не откривајќи од кои домашни или странски компании се пристигнати речиси 200-те иницијативи.

Во врска со новите енергетски капацитети, Божиновска информира дека е пристигната една иницијатива за изградба на когенеративна гасна централа од 495 MW. Не се знае за која локација е барањето зашто документацијата е преобемна.

„Многу е важно документацијата да биде во ред и дали инвеститорот има искуство, дали знае да ја изгради когенеративната централа“, рече Божиновска.

Оваа гасна централа би имала капацитет колку два блока во државниот енергетски комбинат РЕК Битола и може целосно сама да ги задоволи потребите на домаќинствата и на компаниите што сега се снабдуваат со струја добиена од јаглен.

Од Министерството не откриваат повеќе детали за инвеститорот што изразил подготвеност да гради голема когенеративна гасна централа слична на ТЕ-ТО во Скопје, но „Фокус“ од неофицијални извори дознава дека се работи за грчки инвеститор.

До Министерството за енергетика се пристигнати и иницијативи за ветропаркови 1.590 MW, за интегриран „storage“ (складирање на енергија во батерии) за ветер 402 MW (1.080 MWh), за фотонапонски електрани 5.052 MW, за интегриран „storage“ за фотоволтаици 1.174 MW (3.018 MWh), за гасна централа со мотори 21 MW, за самостојни складишта 2.596 MW (3.094 MWh) и за експериментални објекти 288 MW.

„Имаме барања за нови енергетски капацитети со моќност од 7.100 мегавати (ветер, сонце и гас), како и барања за околу 4.172 мегавати интегрирани батерии што е одлично. Има интерес, но за мене е побитно дали поднесените документи сѐ во ред.

Со новиот Закон, првпат има годишен план за изградба на нови енергетски капацитети, ќе се гради она што е приоритет за државата и граѓаните. Први октомври беше рокот за странските инвеститори што сакаат да градат, да достават документација.

На веб-страницата се достапни сите документи што се бараат. Добивме огромен број документи, потребно е време да се обработат“, рече Божиновска.

ВЛАДИНА КОМИСИЈА ЌЕ ГО СРЕДУВА ХАОСОТ НА ПАЗАРОТ

Со новиот закон за енергетика се зголемија надлежностите на владата, која сега издава овластувања со кои ги одобрува или не ги одобрува големите енергетски проекти за производство на електрична енергија од обновливи извори со поголема моќност од 10 мегавати.

Владата формираше посебна комисија, која треба да стави ред во хаотичното инвестирање, особено кај фотоволтаичните централи за кои има особено голем интерес од странски инвеститори, а познавачите велат овластувањата кои сега се доделуваат се практично еден вид „градежна дозвола“ за изградба на капацитетот, а не лиценца за производство, која, сепак, ја издава Регулаторната комисија за енергетика.

Само шест проекти добиле овластување од владата, а еден од нив е и оној на „Инвалл Мак“, која кај Штип го гради големиот ветерен парк на инвестицискиот фонд „Алказар“ со голема поддршка од владата на ВМРО-ДПМНЕ.

И фирма на поранешниот пратеник и функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски, кој сега е во градежниот бизнис, доби овластување за изградба на фотонапонска централа во Штип.

Ивица Георгиевски, во февруари годинава излезе од сопственичката структура на компанијата БИГ ЕНЕРЏИ СОЛУТИОНС, која е формирана на 20 јули 2024 година, според податоците од Централен регистар, а единствен сопственик на компанијата останува неговиот брат Бранко Георгиевски.

Оваа компанија на 7 август 2025 година е овластена од владата за изградба на фотонапонска централа ФЕЦ Долани во Долани, Штип. Планирана е вкупна инсталирана моќност е 56.1. MW и очекувано годишно производство од 112.028 GWh.

Поради недоставување потребна документација е одбиена „М Енерџи Гроуп Ник“ фирма поврзана со Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев, чие барање за овластување било поднесено од февруари лани. Вториот проект на оваа компанија познат како „ФЕЦ Сушево 2“ од 30 мегавати во Штип бил прифатен од владата.

Одбиени се и барањата на израелските инвеститори „ДАМ Енерџи“, а поради недоставена документација бил одбиен и турскиот „Еуроеса Енерџи“, кој сакал да гради две фотоцентрали од 36 и 11 мегавати. Пред владината комисија не поминал ниту проект на израелскиот инвеститор „Биг Мега Солар Оне“.

Не е прифатено барањето ниту на „МИТ Солар“ на косовскиот бизнисмен Саит Вокши поради тоа што не станувало за една голема фотоцентрала, туку за три помали. Не е прифатена ниту замислата на ФЕЦ Димонце на познатиот штипски бизнисмен Марјан Јовчевски, инаку сопственик на „Јофатекс“, кој, исто така, го цепкал проектот на повеќе централи.

Хаосот во енергетскиот сектор минатото лето го потврди и Државниот завод за ревизија, кој во својот извештај за енергетската транзиција  забележува дека претходно од 2011 до 2023 биле овластени позитивно сите осум барања, меѓу кои и тие на најголемите фотоцентрали во моментов во земјава на Меј Енерџи,Фортис Енергетика, ОСМ Солар и новиот ветерен парк Богословец.

МИЛИЈАРДАТА НА КАЗАНЏИ ГРУП

Когенеративните гасни централи се решение за енергетска независност и за намалување на загадувањето, но енергетичарите укажуваат дека потенцијалните инвеститори ќе дојдат првенствено со цел да заработат, а никој не може да гарантира дали цената на електричната енергија би била поевтина затоа што таа ќе зависи од непредвидливоста на цената на гасот како главен енергенс во Европа.

Интерес за профит ќе има и турската компанија „Казанџи Груп“, која веќе потпиша меморандум со нашата влада за инвестиција од милијарда евра.

Претседателот на владата, Христијан Мицкоски, и претседавачот на турската компанија „Казанџи Холдинг АС“, Шабан Џемаил, во јули годинава потпишаа Меморандум за разбирање, со кој се отвора патот за реализација на инвестиција во стратешки енергетски проект во земјава, вреден една милијарда евра.

„Со потпишувањето на овој меморандум со „Казанџи Груп“, отвораме простор за реализација за значаен стратешки проект, вреден до една милијарда евра инвестиција што ќе има реално, практично и долгорочно влијание врз енергетскиот систем на државата.

Проектот предвидува три главни компоненти: развој на нови капацитети за производство на електрична енергија; изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас, како и мерки за зголемување на сигурноста во снабдување со гас.

Да имаме свој извор и стабилна дистрибуција, значи да имаме сигурност, предвидливост и контрола врз еден од најважните системи во државата. Со оваа инвестиција се отвораат и нови можности за индустријата, се поддржува гасификацијата, се отвораат нови работни места и се зајакнува енергетската отпорност на државата“, рече Мицкоски.

Претседавачот на турската компанија „Казанџи Холдинг АС“, Џемаил, во своето обраќање истакна дека проектот е веќе готов и по истражувањето направено од страна на професионалци, тој може да отпочне со реализација.

„Разговорите за овој проект се почнати многу одамна. Проектот е веќе готов и сега ќе се направи едно истражување по што овој проект од една милијарда евра ќе почне со реализација. Овој развој на новите енергетски системи ќе биде под надзор на голем професионализам и се надевам дека ќе направиме голем чекор кон напредокот на енергетиката.

Тоа ќе биде еден стратешки центар на Балканот. Му благодарам на претседателот на владата за напорите што ги вложува за овој проект и верувам дека ќе се реализира во најблиска иднина“, рече Џемаил.

Ова не е првиот обид на оваа компанија да влезе на македонскиот енергетски пазар. Првиот обид  се случи пред неколку години кога на власт беа СДСМ и ДУИ.

„Акса Догалгас“, која, според податоците, е подружница на групацијата „Казанџи“, беше една од двете фирми меѓу кој тогашната влада требаше да направи избор – кој да гради дистрибутивна мрежа за гас до домаќинствата во земјава. Тогаш не падна договор со ниту една компанија.

Но, според информациите на телевизија Телма, во преговорите токму „Акса Догалгас“ имала посебни барања. Односно предложиле промена на формулата што се користи за пресметка на профитот на фирмата. Барале во формулата да биде вметната и инфлацијата. Но, за тогашната влада тоа не било прифатливо.

Нема информации што точно ќе бара „Казанџи Груп“ доколку почне да гради гасна централа.

СОМНИТЕЛНИ ЗДЕЛКИ

Инаку, странските медиуми, како „Фајненшл тајмс“, пренесуваа дека еден од најголемите производители на струја во Турција е вмешан во обвинувања за корупција околу договор во Гана, посредуван од банкар на Голдман Сакс.

Компанијата наводно пренасочила околу 2,5 милиони долари за мито на службеници од Гана пред да ѝ биде доделен договорот за изградба на електрична централа во западноафриканската земја.

Исто така, во текстот се тврди дека платила 2 милиони долари на Асанте Берко, тогашен извршен директор во канцеларијата на Голдман во Лондон, за неговата наводна улога во оркестрирањето на шемата за поткуп, која беше разработена во 2015 и во 2016 година.

„Фајненшл тајмс“ открива дека Голдман продолжил да поседува 16,6 проценти од акциите во Акса Енерџи, кои ги стекнал како дел од договор за финансирање со нејзината матична компанија што бил склучен во 2012 година и продолжен во следната година.

Уделот бил откупен од матичната компанија, Казанчи Холдинг, во 2018 година за 300 милиони долари – речиси трипати поголема од нејзината пазарна вредност – благодарение на опција за продажба што била договорена шест години претходно.

„Во времето на договорот, Голдман и Акса Енерџи барале можности за развој на своите бизниси во Африка. Кратко потоа, повисок банкар во канцеларијата во Лондон му рекол на г-дин Берко дека Акса Енерџи, долгогодишен клиент, сака да изгради и да управува со електрана во Гана и да ја продаде електричната енергија на владата на земјата. Тие се согласиле дека Голдман ќе ја советува Акса и ќе организира финансирање доколку договорот биде успешен.

Берко побарал помош од посредничка фирма од Гана, која имала контакти „во највисоките нивоа“ на владата и заедно наводно смислиле план во кој „Акса Енерџи“ се согласила да изврши плаќања во вкупен износ од неколку милиони долари, бидејќи договорот ги надминал различните пречки, според поднесеното барање до Комисијата за хартии од вредност (SEC).

Согласно поднесеното барање до Комисијата за хартии од вредност (SEC), договорот бил објавен во август 2015 година, а електраната почнала со комерцијални операции во 2017 година.

Г-дин Берко негираше какво било незаконско дело во изјава споделена со локалните медиуми и рече дека турски производител на енергија се согласил да му плати 2 милиони долари за неговата работа за собирање 150 милиони долари за проектот. Тој рече дека обвинувањата од SEC „дошле како целосно изненадување“ за него“, пишува медиумот.

ПОВЕЌЕ ЗЕЛЕНА СТРУЈА ОТКОЛКУ ОД ЈАГЛЕН

Од произведената електрична енергија во земјава во 2024 година, околу 41 отсто отпаѓа на обновливите извори, со што го надминаа јагленот како доминантен енергент за производство на електрична енергија.

Во моментов, во употреба се фотоволтаични централи со инсталирана моќност од околу 850 мегавати. Потенцијалот на македонската електропреносна мрежа е околу 1.500 мегавати, без да се изградат батериски системи кои би ја складирале енергијата од фотоволтаиците.

Без складирање, фотоволтаиците ја предаваат целата произведена енергија директно во системот. Тоа е проблем бидејќи мала промена од сончево во облачно и обратно прави големи разлики во производството, а со тоа и дисбаланс на целата мрежа.

Министерката за енергетика, Божиновска информираше дека, според Годишниот план за работа за 2026 година на Министерството за енергетика, за првпат, дел од компаниите доставиле барања и за работа со батериски системи во склоп на енергетските постројки, но и за самостојна работа со нив.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање електрична енергија од обновливи извори на компанијата Енерго солар системи.

Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2.600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и се во функција.

„Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за  инсталирање ‘сториџи’, но, исто така, очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи.

Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар.

Складирањето енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат, се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот“, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Текстот е објавен на 16 октомври 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.567.

Фото: Илустрација (Централа во Берлин)

Слични вести