По најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата денеска ќе донесе одлука за намалување на ДДВ за дизел горивото од 18 на 10 отсто, реагираше опозицискиот СДСМ, од каде оценуваат дека мерката е задоцнета и недоволна за ублажување на растот на цените на горивата.
Од СДСМ сметаат дека ДДВ за горивата треба да се намали на пет отсто, а акцизата целосно да се укине.
„СДСМ уште на почетокот на кризата бараше конкретни мерки – ДДВ на горивата да падне на 5 проценти, акцизата да се укине веднаш, ДДВ на основната храна да се симне на нула. Владата не мрдна. Ги пушти цените да побеснеат. Го гледаа народот како полни резервоар на рати и купува половина корпа“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од опозициската партија посочуваат дека премиерот и самиот признал оти актуелната цена на горивата не е ниска, но нагласил дека таа сепак е пониска во споредба со дел од земјите во регионот.
СДСМ ја обвинува Владата дека, иако знаела дека цената на дизелот ќе расте, чекала до последен момент за да интервенира. Според партијата, намалувањето на ДДВ од 18 на 10 отсто е „половична и недоволна мерка“.
„Горивото не е луксуз. Горивото е превоз до работа, леб до продавница, стока до пазар, плата што се топи пред да стигне дома. Кога дизелот лета, лета сè. Тие тоа го знаеа. Чекаа“, велат од СДСМ.
Од партијата реагираат и на изјавата на Мицкоски дека намалувањето на ДДВ за дизелот ќе има импликации врз државниот буџет.
Во соопштението СДСМ упатува остри обвинувања на сметка на начинот на кој Владата ги троши буџетските средства, тврдејќи дека пари се трошеле за „спектакли, криминални тендери и Лотарија“, додека сега, како што велат, се посочуваат буџетските последици од намалувањето на данокот.
„СДСМ не бара од арамијата да глуми социјала. Бараше да ја примени мерката кога требаше – на почеток. Не откако цените го скршија стандардот. Намалување од 18 на 10, по месеци тивко гледање, не е политика. Тоа е признание дека доцнат. И дека доцнат намерно“, се наведува во реакцијата на Социјалдемократскиот сојуз.