МАКЕДОНИЈА БЕЗ ИНФРАСТРУКТУРА – БИЛЕТ ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ ЗА ЕКОНОМСКА ПРОПАСТ

by Fokus 11:47
11:47

Во 19 век, кога е изградена познатата линија од Берлин до Багдад, која поминувала по средината на Македонија, познатиот „Ориент експрес побргу патувал до Скопје, до Белград или до Солун отколку возот денес. Во време кога Србија и Грција развиваат брза пруга, Македонија речиси и да нема никаква функционална железница

Александар НИКОЛОВСКИ

Минатиот викенд беше најдобар доказ во каква катастрофална ситуација е инфраструктурата во Македонија. Блокадата на Плетвар отсече голем дел од државата од главниот град, Битола, Прилеп и целокупниот пелагониски регион остана отсечен од главниот град. Причината – неспособност и неодговорност во развојот на инфраструктурата.

Имено, некаде во 2015 почна да се гради еден вид автопатско поврзување на Градско со Прилеп, официјално наречено експресен пат. Со тоа решение, практично, Прилеп и Битола би биле на брз начин поврзани со Скопје. Во 2017, со промената на власта, патот престана да се гради и стоеше во место повеќе од 4 години. Сѐ до 2021 година, владата на СДСМ и ДУИ не го градеше патот, што предизвика директна штета на преку 30 илјади жители од овој регион.

По огромен притисок од целата јавност, продолжија да го градат во 2021, но на крајно нестручен начин и под секаков стандард. Кај местото „три ленти“ се направи привремена девијација, со цел да може да се врши заштита на карпите во клисурата, но начинот на кој беше изведена девијацијата, и на лаик му беше јасно дека при поголем дожд, како што се случи викендов, водата ќе однесе сѐ и практично ќе нема пат. Тоа се случи! Целиот регион беше отсечен.

ОХРИД – КИЧЕВО ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ГОТОВ ВО 2018

Ова е само една слика за состојбата со инфраструктурата во Македонија. Втората е автопатот Охрид – Кичево. Од 2017 година и промената на власта, до денес речиси и да не се гради. Ај што не се изгради автопат, туку и постојниот магистрален пат се уништи и практично  е невозможно да се патува до Струга и Охрид без за тоа да се потроши на пример 3 часа од Скопје и многу нерви, како и да го оштетите возилото.

И тоа трае петта година. Автопатот требаше да биде готов во 2018 година, денес е 2022 и е далеку од завршување, а ако продолжи ова темпо на работа, кое практично не е работа, тогаш и новиот рок до 2024 не изгледа реално.

Па, се поставува основното прашање, како да се развива бизнис, како да се носат инвеститори од странство, како да се стимулираат домашните инвеститори, како да се развива туризам ако нема инфраструктура!

За пругата не сакам ни да зборувам. Во 19 век, кога е изградена познатата линија од Берлин до Багдад, која поминувала по средината на Македонија по вардарската долина, познатиот „Ориент експрес“ побргу патувал до Скопје, до Белград или до Солун отколку возот денес. Во време кога соседите, како Србија и Грација, развиваат брза пруга, Македонија речиси и да нема никаква функционална железница.

НЕКОЛКУ КЛУЧНИ ПРОЕКТИ

Потребен е силен фокус на инфраструктурата. Без инфраструктура, нема развој. Од друга страна, само додека се гради тој сектор, врзува бројни други сектори, да не зборувам за бенефитите што доаѓаат потоа за стопанството и за туризмот.

Македонија мора силно да се фокусира на неколку клучни проекти – изградба на целосно автопатско решение – Скопје до Охрид и Струга, а од таму до границата со Албанија, автопатско поврзување со Косово, автопат Градско – Прилеп – Битола до границата со Грција, понатаму довршување на експресниот пат Радовиш – Струмица, со што на брз начин преку експресен пат и автопат Струмица и истокот би се поврзале со Скопје, со крак и до границата со Бугарија преку Ново Село, како и изградба на експресен пат Куманово до Крива Паланка и границата со Бугарија.

Во делот на железницата, целосна електрификација на постојната, како и силен фокус и изградба на брза пруга, на која патничките возови би сообраќале со 200 километри на час, а товарните 120 километри на час од Скопје до Солун, како врвен стратешки приоритет за поврзување на Македонија со Европа и развој на бизнисот.

Некој ќе рече ова се чини многу, јас би одговорил со способни и компетентни луѓе, овој план ќе ја развие Македонија и ќе ја однесе на друго ниво на развој и благосостојба. Изборите се јасни и очигледни.

Поврзани новости