Војската на САД никогаш не цели кон цивили, изјави денеска портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит, одговарајќи на новинарско прашање зошто американскиот претседател Доналд Трамп го повторува тврдењето дека САД не стојат зад бомбардирањето на училиштето во Минаб, Иран.
„Претседателот смета така бидејќи знае дека нашата војска секогаш постапува со најдобри намери и апсолутно никогаш не цели кон цивили и деца, за разлика од другата страна во конфликтот, Иран“, рече Ливит на прес-конференција во Белата куќа, пренесува „Скај њуз“.
На прашањето каква е состојбата со преговорите меѓу САД и Иран, таа одговори дека разговорите продолжуваат бидејќи Иран сака договор за запирање на американските напади.
„Причината за неодамнешните напади е тоа што Иран го прекрши Меморандумот за разбирање“, рече таа, додавајќи дека Иран нападнал комерцијални бродови во Ормускиот Теснец.
Според неа, Трамп останува отворен за дипломатско решение.
Трамп претходно за „Фокс њуз“ изјави дека фотографиите на кои се гледаат остатоци од американска ракета „Томахавк“ меѓу урнатините на училиштето за девојчиња во Минаб, Иран, не се вистински, туку „веројатно генерирани со вештачка интелигенција“.