Лифтот од Ристиќева палата – еден од првите на Балканот

by irena 10:15
10:15

Во самиот центар на Скопје, на раскрсницата меѓу плоштадот и улицата Македонија, стои Ристиќева палата – објект кој повеќе од еден век е симбол на градската елеганција и духот на метрополата. Граденa во 1925–1926 година, според проектот на архитектот Драгутин Маслаќ, оваа палата со фигури на Ескулап и Хигија и иницијалите В.Р. на сопственикот Владислав Ристиќ, брзо станала дел од скопските приказни.

Тука се паметат митинзи и паради, љубовни почетоци и тивки разделби пред книжарницата „Култура“. Со елементите на академизмот, палатата му донесе нов, европски лик на тогашното Скопје, кое токму во дваесеттите и триесеттите години доживуваше урбан подем со изградбата на Народниот театар, Офицерскиот дом, Народната банка, Железничката станица и други реперни објекти.

Сопственикот Владо Ристиќ – фармацевт, визионер и голем педант – секојдневно стоел на градилиштето.

Како што пишува познатиот Данило Коцевски тој ништо не оставал на случајност. Ѕидовите биле засилувани со железна арматура, материјалот внимателно бирaн, а на прашањето зошто гради токму таква палата, одговарал: „Градам споменик за себе.“

Историјата докажа дека создаде споменик за цели генерации скопјани – објект кој им одолеа и на поплавата во 1962 и на земјотресот во 1963 година.

Во 1929 година, Ристиќева палата донесе уште една сензација: првиот лифт во Скопје, еден од првите во Македонија и меѓу ретките на Балканот. Германскиот „стиглер“, децении го возеше градскиот дух нагоре и надолу сѐ до 2011 година, кога станарите го подарија на Музејот на град Скопје – каде денес е музејско парче историја.

Во Палатата живеело семејството Ристиќ, а дел од просториите ги користела и Поштенската штедилница. По нивното иселување во 1941 година, објектот минувал низ различни наменски трансформации, а на крајот на деведесеттите беше темелно реновиран за да го врати оригиналното достоинство од 1926 година.

 

Слични вести