Лидерот на СДСМ е речиси сигурен во предвремени избори

by jadranka 18:45
18:45

Предизборената реторика во Македонија се повеќе го зафаќа просторот во настапите на политичарите. Лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче денеска пред медиумите беше дециден дека во голема мерка верува во тоа дека следувааат предвремени парламентарни избори. Својот став тој го аргументира со лошите политики што ги спроведува власта. Додаде дека опозицијата е подготвена за соочување со власта кога и да се случи.

„Јас сум прилично сигурен дека предвремени избори ќе има. Дали ќе бидат на крај на оваа година, дали ќе бидат на почеток на следната година и тоа од неколку фактори. Прво оваа Влада е тесно поврзана и тоа ние секојдневно го објавуваме и го аргументираме со авторитарните режими во регионот на Орбан и на Вучиќ. Понатаму тешката економска состојба во којашто се наоѓа државата, оваа Влада ја носи државата во амбис. А во однос на нашата подготвеност, апсолутно, во било кое време сме спремни да настапиме на избори“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Ваквиот став на Филипче доаѓа како реакција на интервјуто на премиерот Христијан Мицскоски во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 во која тој рече дека начелно тие како власт не се заинтересирани за предвремени избори. Иако, според искажаното не ја отфрли целосно ваквата опција. „Еве и да е така а не е така, тоа е лага. Но, еве и да е така, апсолутен победник беше ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на локалните избори. Ако гледаме политички и ако гледаме од оптиката на ВМРО-ДПМНЕ и што е наш интерес, наш интерес е да има предвремени избори. Зошто би се откажал. Напротив јас би стимулирал ако тоа сум го кажал и ако гледаме од оптиката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата“, рече во интервјуто премиерот Мицкоски, како одговор на прашањето дали е точно дека имал „дил“ со Али Ахмети да се одржат предвремени избори уште минатата година, нешто што лидерот на ДУИ јавно го изјави. Од Мала Речица и покрај ваквиот став на Мицкоски, стојат на зборовите од нивниот лидер.

Паралелно, власта со забрзано темпо сака да ја „укине“ техничката влада како непотребен „баласт“ во функционирањето на извршната власт. Можно е уште утре на дневен ред пред пратениците во законодавниот дом да се надат законските измени со кои таа би се укинала. А, важењето на овие измени би стапило на сила по следниоте парламентарни избори. Нешто што беше договорено на последната лидерска средба, кога таквиот став на Мицкоски го поддржаа неговите партнери во власта – ВРЕДИ и ЗНАМ, како и Левица. А, ДУИ бара се уште консултации со меѓународниот фактор за да се укине нејзиното постоење. Единствено на цврст став против бришењето на техничката влада се социјалдемократите.

Паралелно, денеска помина и изборот на составот на Државната изборна комисија на чие чело застанува некогашниот вицепремиер во владите на СДСМ Бојан Маричиќ.

З.Ф.

Слични вести