Поплавени булевари, подвозници под вода, заглавени автомобили и автобус на ЈСП заробен во поплавата. За само неколку часа дожд, Скопје повторно престана да функционира.
Ова е последица на години запоставување на основната градска инфраструктура, а Орце Ѓорѓиевски, наместо да го прекине тој континуитет, продолжува по истиот пат. Атмосферската канализација е недоволна и неодржувана, одводните системи не се чистат навреме, а наместо системски инвестиции во заштита од поплави, градската власт предводена од Орце Ѓорѓиевски се занимава со ПР-акции и дневнополитички маркетинг, додека Скопје се дави по секој посилен дожд.
Најголемата цена повторно ја плаќаат граѓаните. Луѓето остануваат заглавени во автомобили и автобуси, јавниот превоз е парализиран, а улиците стануваат небезбедни за движење. Главниот град не смее да функционира така што секое посериозно невреме го претвора во нефункционален град. Ако три часа дожд се доволни за кризна состојба, тогаш кризата не е во временските услови – кризата е во инфраструктурата и во институциите што со години не ја одржуваат.
Главен град не се гради со прес-конференции по невремето.
Левица со години предупредува дека без сериозни инвестиции во атмосферската канализација, реконструкција на каналската мрежа, редовно чистење на одводните системи и одржување на заштитните насипи, Скопје ќе продолжи да се соочува со истите последици секогаш кога ќе има пообилни врнежи, стои во реакцијата на Левица-Град Скопје.