Политичката партија Левица обвини дека во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се спроведува систематски мобинг врз вработените, за што директна одговорност сноси членката на Комисијата, Цвета Ристовска.
Од Левица информираат дека до нив пристигнале сериозни сознанија според кои дел од вработените во ДКСК се изложени на континуирано вербално понижување, навреди, викање и омаловажување, што, како што наведуваат, создало атмосфера на страв и психолошки притисок во институцијата која треба да биде симбол на интегритет и законитост.
Според соопштението, ваквото однесување резултирало со иницирање и потпишување петиција од страна на вработените, со која се бара разрешување на Ристовска од функцијата. Од партијата оценуваат дека антикорупциски функционер кој врши притисок врз сопствените колеги не може да има кредибилитет во борбата против корупцијата.
„Институција задолжена да ја штити законитоста не смее да функционира како работна средина во која владеат навреди, психолошки притисок и злоупотреба на хиерархиската позиција“, наведуваат од Левица.
Оттаму јавно ја повикаа Ристовска да престане со, како што велат, недоличното однесување кон вработените, а надлежните институции, пред сè Државниот инспекторат за труд, итно да извршат контрола за евентуално постоење мобинг и повреда на работничките права во Антикорупциската комисија.
Левица дополнително најави дека нивните пратеници, имајќи ги предвид досегашните и новите информации кои, како што велат, секојдневно пристигнуваат, во најкус можен рок ќе иницираат постапка за разрешување на антикорупционерката Цвета Ристовска.
Партијата оценува дека доколку ваквото однесување се толерира, Антикорупциската комисија ризикува да ја загуби својата основна улога и довербата на јавноста.