Левица потсетува дека во 2020 година ВМРО-ДПМНЕ организираше протести против поскапување од 7,4%. Една година подоцна, додаваат од партијата, премиерот Христијан Мицкоски уште погласно ветуваше како „еминентен“ енергетичар ќе обезбеди поевтина струја, модернизација на РЕК Битола и Осломеј, ќе се продолжел нивниот работен век, стабилно производство и пониски сметки.
„Потоа дојдоа на власт. И што добивме? Добивме нови најави. Нови модели. Нови „можни поевтинувања“. Нови прес-конференции. Нови празни ветувања што звучат како нешто да се случува, а на крај сметката пак ја плаќа народот.
Во јуни 2024, како мандатар, Мицкоски ветуваше дека од јануари 2025 ќе се намали цената на струјата за домаќинствата и индустријата. Денес сме далеку од тоа ветување. Наместо поевтина струја, граѓаните гледаат ист систем, исти монополи, иста Регулаторна логика и префрлање на товарот од лошите политики врз домаќинствата“, критикуваат од Левица.
Партијата истакнува дека одамна предупредува како проблемот не е само во една одлука, туку во целиот модел.
„Енергетиката е поставена така што приватниот снабдувач има сигурна маржа, Регулаторна ги „аминува“ трошоците, ЕЛЕМ се турка во долгови, а народот добива сметка како казна што живее во сопствена држава“, велат оттаму.