Лекарите знаат дека во Владата има психопати

by Fokus

fokusova-arhivaТекстот е објавен на 22 мај, 2015 година во нделникот „Фокус“ во бројот 1024

Разговараше: Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС: Веќе една година водите битка по судските лавиринти за случајот за наводно посредување за инвалидска пензија, каде што сте обвинети дека сте зеле мито од 2.000 евра. Минатата недела повторно ви пресудија една година затвор!

СТАВРИЌ: Се работи за монтиран случај од власта, полицијата и Јавното обвинителство. Ова е политички монтиран судски процес. Осуден сум за дело кое ниту сум го направил, ниту сум можел да го направам, што се покажа и во последната постапка пред Кривичниот суд. Овој суд не заслужува да го носи ова име. Треба да биде прекрстен во нарачателство, каде што се исполнуваат желбите на власта. По вторпат добив неоснована и неправедна судска пресуда од една година затвор. Сега ќе одиме пак на Апелација, каде што ќе ја продолжиме оваа крајно нефер битка.

ФОКУС: Ако не сте го извршиле кривичното дело за кое ве товарат, зошто ве осудија?

СТАВРИЌ: Мислам дека на сите им е јасно зошто ме осудија. Јавноста ме препознава како лекар и како синдикален лидер. Според мене, ова е одмазда на власта за штрајкот на лекарите во 2012 година, кој јас го предводев. Речиси сите лекари-специјалисти од целата земја се спротивставија на квази реформите што ги наметна министерот Тодоров, кои резултираа со драматично намален квалитет на здравствените услуги. Тука е смртта на малата Тамара, многубројните лекарски грешки и уште многу случаи што се кријат од јавноста.

ФОКУС: Сметате дека власта не можеше да ви прости што без влакна на јазикот ги критикувате лошите реформи во јавното здравство?

СТАВРИЌ: Власта не можеше да ми го заборави и тоа што во 2010 година на Уставен суд добивме одлука во која се наведува дека лекарите не можат да бидат јавни службеници, како што сакаа тие да не направат. Исто така, власта не може да ми го заборави и лекарскиот штрајк, каде што секојдневно жестоко ги критикував. Меѓутоа, да не заборавиме дека кај креаторите на таканаречените реформи се работи за конкретни интереси. Овие квази здравствени реформи го донесоа јавното здравство до целосен колапс и хаос, а од друга страна, произведоа многу финансиски бенефити за одредени луѓе.

ФОКУС: Како мислите?

СТАВРИЌ: Мислам дека не е далеку моментот кога ревизијата ќе покаже за колку стотици милиони евра се работи, кои отишле во нечии џебови, а се платени со здравјето на пациентите и професионалноста на лекарите.

ФОКУС: Скопска апелација ја отфрли пресудата на Кривичниот суд и го врати случајот на повторно судење. Очекувавте ли дека по вторпат ќе бидете осудени?

СТАВРИЌ: Искрено, не очекував затоа што Апелација ја укина првостепената пресуда баш од таа причина што дело не постоеше. Исто така, во целиот случај беа прекршени и повредени многу права, од самото апсење, притворот, продолжувањето на притворот и на крај пресудата, која беше донесена. Плус, тука беа новите докази што беа изнесени и кои докажаа дека јас никако не сум можел да го извршам ова дело, а не да сум го извршил. Осуден сум за ветување и посредување за инвалидска пензија, право кое на лажниот сведок му беше остварено уште претходно.

timthumb2

 БОЛИВУДСКО СЦЕНАРИО

 ФОКУС: Јавниот обвинител во целиот случај тврдеше дека вие сте барале 2.000 евра за вас и за лекарите од комисијата со кои требало да ги делите тие пари.

СТАВРИЌ: Тоа е измислица на Јавното обвинителство и на органите на прогонот. Не знам што им била целта во самата монтажа, но факт е дека имаат сериозни грешки во целиот конструиран филм што го спроведоа.

ФОКУС: Но, на судењето се потврди дека лекарите од Комисијата воопшто не ве познаваат!

СТАВРИЌ: Слушнавте и вие. Лекарите како сведоци во судскиот процес потврдија дека не ме познаваат и дека немале никакви контакти со мене. Така што, не знам како сум можел да делам пари со некои, со кои не се познавам.

ФОКУС: А се познававте ли лично со оштетениот пациент?

СТАВРИЌ: Пациентот јас го познавав доста добро, бидејќи го оперирав во јануари 2014 година. Инаку, се работи за пациент кој е опериран од перде, а претходно во 2013 година имал самоповреда на окото и е опериран од моја колешка на Очната клиника, при што комплетно го изгубил видот на окото. Тој поминал низ повеќе специјалистички прегледи во Прилеп, Скопје, како и во приватните болници. И покрај тоа што листата на чекање за операции кај мене беше долга за пет години, поради неговата влошена здравствена состојба, како приоритетен пациент го оперирав во јануари, а на една од следните контроли од моја страна добива и конзилијарно мислење потпишано од тројца специјалисти за пред Инвалидската комисија да покаже колку му е оштетен видот. Тука завршува мојот дел.

ФОКУС: Дали вие воопшто сте зборувале со него за посредување за инвалидска пензија?

СТАВРИЌ: Не. Ние сме имале телефонски разговори како лекар и пациент, при што е договарана одредена хируршка процедура, што досега не се извршила во Македонија. Таа операција требаше да се изврши врз пациентот за првпат во Македонија од страна на професор Вукосавлевиќ и од моја страна на 10 мај.

ФОКУС: Значи, не се чувствувате виновен за кривичното дело?

СТАВРИЌ: Не, не се чувствувам виновен. Пациентот не ми кажал ниту дека поднел барање за инвалидска пензија, ниту до каде му е процедурата, ниту, пак, јас сум прашал, а не да сум посредувал. Не сме ни спомнале инвалидска пензија. Јас му издадов конзилијарно мислење на моја иницијатива, за да му послужи како на човек кој е телесно оштетен да го оствари своето право.

ФОКУС: Тогаш, зошто имавте средба дента кога ве уапсија?

СТАВРИЌ: На денот кога ме уапсија, пациентот требаше да дојде во приватната болница каде што работам на преглед, да донесе документи и да даде аванс од 1.000-2.000 евра за операција, иако реално таа операција чини повеќе од 6.000 евра. Но, тој побара од мене да се видиме на новата Железничка станица, бидејќи таму требало да чека превоз. Јас дојдов и ме наместија. Мојата цел беше таа операција за првпат да се направи во Македонија. За жал, мојата хумана цел беше злоупотребена од страна на лажниот пациент и од тие што го наместија целиот случај.

ФОКУС: Помина една година откако лани во мај бевте уапсени. Вашето апсење беше прикажувано на сите телевизии, а МВР дури пушти и видео.

СТАВРИЌ: Ме уапсија на спектакуларен начин, како и сите политички затвореници  во земјава. На самиот чин на апсењето присуствуваа многу полицајци, а целиот случај изгледаше како да се снима филм, ама не во Холивуд, туку во Боливуд.

НАРАЧКАТА ЗА ЗАТВОР ДОЈДЕ ОД ГРУЕВСКИ И ОД ТОДОРОВ

ФОКУС: Вие бевте предводник на штрајкот на лекарите повеќе од 50 дена. Во текот на целиот штрајк го критикувавте жестоко министерот за здравство Никола Тодоров и лошите реформи во здравството. Свесен ли бевте дека можат да ве наместат?

СТАВРИЌ: Да, јас бев спремен на ова и очекував ваква или друг вид местенка, дури една година порано. Познавајќи го профилот на луѓето во власта, очекував ова да се случи. Знаев дека се спремни да ми вратат мило за драго, затоа што ги критикував лошите здравствени политики. И тоа се случи.

ФОКУС: Па, во тој случај, нели сметате дека постапивте наивно со тоа што ги земавте парите од пациентот?

СТАВРИЌ: Морам да признаам дека постапив наивно во тој момент. Меѓутоа, тоа е тоа. Сега нема назад, нема каење.

ФОКУС: Пред малку рековте „познавајќи го профилот на луѓето од власта“. Каков е нивниот профил?

СТАВРИЌ: Оваа власт нѐ доведе на едно историско рамниште од 12 век, како финансиски, така и како општество. Луѓето се плашат да комуницираат едни со други, се плашат да разговараат на мобилен телефон, затоа што знаат дека се прислушувани. Се плашат дури и да кажат нешто затоа што знаат дека тоа може да биде испревртено и на крај да се искористи против нив. Тоа мене лично ми се случи. Како лекар ќе ви кажам дека душевните болести се исклучително тешки, но многу застапени во нашата влада, особено во државниот врв. Тие како и во сѐ друго и тука покажаа висок степен на психопатски заболувања. Значи, тоа се психопатски профили на луѓе. Еден од материјалните симптоми со кој треба секојдневно да се соочуваме е проектот „Скопје 2014“, за кој секој психијатар ќе ви каже дека е симптом на душевно заболување. Ова дело е направено со парите на нашите внуци, кои во иднина ќе треба да го исплаќаат. Овој кич и чир на нашиот град е еден од симптомите на овие заболувања.

ФОКУС: Сметате ли дека пресудата доаѓа од највисоко ниво во државниот врв?

СТАВРИЌ: Да, нарачката доаѓа лично од Никола Груевски и од Никола Тодоров.

ФОКУС: Генералниот штрајк на лекарите траеше повеќе од 50 дена. Повеќето од нив излегоа и протестираа пред Министерството за здравство и пред Владата. Постигнавте ли нешто со штрајкот или и тој беше задушен?

СТАВРИЌ: Се постигна само извесно мало покачување на платите, не тоа кое ние го баравме. Далеку од тоа што ние го баравме. Штрајкот беше мотивиран од желбата на лекарите да ја заштитат својата професија. Лекарите од општа пракса и специјалистите се доведени до тоа ниво да работат во еден систем, кој не е професионален, а е диктиран од здравствената бирократија. Тој систем не е добар ниту за нив, ниту за пациентите. Основен доказ за тоа се бројните анкети. На пример, ќе ја издвојам анкетата на осигурителните компании кои ја ставија Македонија на врвот на земјите во светот во кои е небезбедно и високоризично да се разболи човек. Затоа што, ако се разболиш треба да се лекуваш, а какво лекување ќе добиеш во земјава, тоа е страшно.

ФОКУС: Но, ако се гледаат рекламите што се вртат на провладините медиуми, човек ќе помисли дека здравството цвета?

СТАВРИЌ: Не дај боже да ги слушаме и гледаме рекламите за јавното здравство. Тоа е лага. Според моите податоци, само за овој мандат се потрошени 25 милиони евра за изработка и кој знае колку милиони евра за нивно емитување. Тоа се страшни суми пари, а целото здравство се распаѓа.

ФОКУС: Каква е реалноста?

СТАВРИЌ: Реалноста е друга и граѓаните најдобро го знаат тоа. Само една реална анкета да направат медиумите, ќе има што да слушнете. Толку ќе биде од фалењето на Тодоров.

ФОКУС: Неколку месеци по лекарскиот штрајк го напуштивте јавното здравство. Зошто?

СТАВРИЌ: Јас како претседател на Синдикат и како артикулатор на гласот на лекарите навистина стоев зад тоа што го баравме и стоев зад реални реформи, а не козметички и квази реформи какви што оваа власт спроведе. Откако не го постигнавме тоа, сметав дека тука завршува мојот ангажман во синдикалното движење. А, како лекар не можев да продолжам да работам во такви услови. Мојата професионална етика не ми дозволуваше да работам во тие услови под кои сега функционира јавното здравство.

ФОКУС: Какви се тие услови?

СТАВРИЌ: Под секое човечко достоинство. Условите за работа се катастрофални и рестриктивни. Да земеме само еден прост пример, проектот „Мој термин“. Од Министерството за здравство ти диктираат термин, мора да прегледуваш пациенти во одредено време, а не можеш да стигнеш да ги видиш болните што вчера си ги оперирал и тешките клинички случаи. Понатаму, се крши правото на пациентот сам да си избере лекар, туку компјутерот избира кој да го лекува или тој што седи позади компјутерот во ресорното Министерство. Сметам дека истите тие таканаречени реформи го усложнија патот на пациентите до центрите каде што е потребно да им се укаже соодветна здравствена помош. Се работи за здравје и живот на луѓето, а тоа не е играчка. Тоа може да резултира со компликации или напредување на некоја болест која потешко се лекува или да резултира и со смрт на пациенти што дефинитивно се случува. Меѓутоа, за тоа не се знае.

ФОКУС: Сметате дека кријат од јавноста?

СТАВРИЌ: Да.

dejan-stavric

ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ ГО ЗАПОСЕДНАА ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

 ФОКУС: Болниците изгледаат страшно, а министерот во интервјуа се фали дека сме речиси најдобри во Европа. Какво е вашето искуство?

СТАВРИЌ: Нема потреба да се влегува во која било зграда за да се види колку страшно изгледаат болниците и како сѐ се распаѓа. Таму е исто како пред 15, 20 години, а единствено има разлика што објектите се постари за 20 години, па изгледаат уште пострашно. Опремата е исто стара и амортизирана. Лекарите нема со што да работат.

ФОКУС: Па, нели Министерството за здравство пред четири години набави опрема вредна вртоглави 100 милиони евра?

СТАВРИЌ: Тоа е знак прашалник колку чинела опремата. Набавката на опремата мора да подлежи на сериозна ревизија, затоа што знаеме дека таа опрема компаниите ја даваат и бесплатно, а за возврат користат потрошни материјали во одреден временски период. Меѓутоа, кај нас целокупната опрема е набавена по многу високи цени, дури по неколкупати повисоки од реалните цени. Одговорно тврдам дека дел од опремата воопшто не требало да биде наплатен, туку следува како основно средство за работа.

ФОКУС: Според обвинувањата на опозицијата, медицинската опрема е преплатена дури 250 пати повеќе?

СТАВРИЌ: Не знам дали е точно 250 пати, ама е многу преплатена. Јас не знам колкав е опсегот на таа набавка и што сѐ е набавено, меѓутоа 100 милиони евра е сериозна сума за која секој светски набавувач би набавил опрема во поголеми количества.

ФОКУС: Дел од лекарите го напуштаат јавното здравство и одат на работа во приватните болници или во странство. Зошто?

СТАВРИЌ: Не само што заминаа лекарите, експерти во своите области, туку заминуваат и младите што се на специјализација. Во последните шест месеци, 15 лекари ја прекинале специјализацијата заради заминување во странство, што претставува сериозен проблем. На повеќето специјализанти и млади лекари, од кои дел сами ја плаќаат својата специјализација, сега Министерството за здравство им наметнува нови трошоци на нивни грб, како на пример, престој во странство на три месеци на своја сметка. Е, како може млад специјализант да си го дозволи тоа, од каде пари? Сигурно лекарите не го напуштаат јавното здравство оти условите се добри. Незадоволни се од платите, а уште повеќе се револтирани од понижувачкиот однос на Министерството за здравство кон нив.

ФОКУС: Во измените на Законот за здравствена заштита, лекарите кои нема да одат на обука во странство ќе платат казна од 7.000 евра, а тие што ќе отидат мора да потпишат договор дека остануваат три години во јавното здравство. Ако заминат, плаќаат казна од 25.000 евра. Што мислите за овие одредби?

СТАВРИЌ: Тоа се уценувачки одредби за лекарите, кои сакаат да си заминат од јавното здравство, па на тој начин сакаат да ги спречат. Цените што се одредени во законот, со полна свест на тој што го носи законот, се полукриминални и секој адвокат ќе ви каже дека таков закон, со такви обврзувачки одредби, воопшто не смеел да се донесе.

ФОКУС: Меѓутоа, министерот за здравство Никола Тодоров во една пригода рече дека најдобрите кадри во болниците се од ВМРО-ДПМНЕ!

СТАВРИЌ: Тоа не ме чуди. Тоа баш личи на целото негово претходно дејствување и претставува основен вид лага. Не знам по кој критериум Тодоров проверил дека баш кадрите од ДПМНЕ се најдобри. Во основа сум против каква било партизација по сите основи во животот, а која, за жал, нам ни се случи на највисоко ниво и во сите сегменти од општествениот живот. Нормално, таа партизација се случи и во здравството.

ФОКУС: Значи, се вработуваат партиски војници со списоци од општинските комитети?

СТАВРИЌ: Секако дека се вработуваат. И сето тоа има кобни последици и по професијата и по животот на луѓето.

ФОКУС: По вашето апсење лекарите замолчеа, плашејќи се да не ги стигне вашата судбина.

СТАВРИЌ: Апсолутно. Безобразлукот и бестијалноста на обвинението против мене отиде до таму, што тоа беше отворено кажано и во обвинението – дека казната има генерална и специјална намена. Специјалната намена е јас да бидам лично казнет, а генералната е преку тоа сите лекари да бидат опоменати и да знаат што може да им се случи ако многу зборуваат.

ИМАВ ЗАКАНИ ДЕКА ЌЕ ЗАВРШАМ ВО ЗАТВОР, СЕ ОСТВАРИЈА

ФОКУС: По сѐ што се случи, имате ли закани од власта во последната година?

СТАВРИЌ: Јас лично немам закани и притисоци. Мислам дека доволен притисок е оваа неправда што ми се случува.

ФОКУС: А ви најавувале ли дека може да завршите во затвор?

СТАВРИЌ: Секако. Многу често. Додека траеше лекарскиот штрајк, а и потоа. Не треба никогаш да попуштиме и да се уплашиме од таквите закани, па и од таквите луѓе. Доколку се тргаме настрана и се плашиме, ќе имаме такво општество како сегашното, општество на исплашени луѓе. Доколку опстоиме на заканите, ќе имаме квалитетно општество.

ФОКУС: На дел од лекарите што беа во првите борбени редови им се закануваа и со децата?

СТАВРИЌ: Сите ја почувствуваа долгата рака на ВМРО-ДПМНЕ на еден или на друг начин. Некои преку притисоци врз фирмите, а другите дека ќе бидат избркани од работа. Заканите ги почувствуваа речиси сите, и членовите на моето потесно семејство, јавниот сектор, па дури и децата. Тоа се одрази на сите наши деца. Сите почувствуваа проблеми и неправди на училиште, на факултет, во смисла на неправедно намалување на оценките. Дотаму одеа работите. На моето дете тоа беше докажано и на екстерното тестирање. Професорите му оставија двојки, а на екстерен тест доби четворки и петки по истиот предмет. Никогаш не добивме одговор на жалбата до Министерството за образование. Тоа беа само дел од нискостите што ги приреди власта, за на некој начин да се одмазди.

ФОКУС: Дали се плашите?

СТАВРИЌ: Се плашам. Како лекар, знам дека душевните болести во власта се сериозни и резултираат на начин како што завршив јас во затвор, ни крив, ни должен. Тоа не се гледа само на мојот пример, туку на примерот на повеќето луѓе и на целото општество, кое е силувано и намачено сите овие години.

ФОКУС: Има ли политички затвореници во државата?

СТАВРИЌ: Многу. Најголем дел од затворениците се политички затвореници, затворени по различни основи. Во тек е формирање Здружение на граѓани – политички затвореници.

ФОКУС: Повеќе од 20 дена бевте во притвор во Шутка. Какви се условите таму?

СТАВРИЌ: Условите во Шутка се многу лоши. Не дај боже човек да влезе таму. Јас бев во еден дел од затворот кој се смета за понов и со помал број затвореници во просторија. Условите како сместување и храна се катастрофални. Доколку не добивате храна од надвор, де факто и нема што реално да се јаде. Тоа не е храна за луѓе. Тоа беа исклучително тешки денови. Исто така, условите се нехумани и би требало да се подобрат, бидејќи и таму седат луѓе. А во однос на персоналот на затворот, можам да кажам дека беше коректен.

ФОКУС: Колку цимери имавте во ќелијата?

СТАВРИЌ: Имав двајца цимери.

ФОКУС: ВМРО-ДПМНЕ е девет години на власт. Студентите пред шест месеци излегоа на масовни протести, со што слободно можеме да кажеме дека го разбудија заспаниот народ. Дали студентите требаше да им ги отворат очите на повеќето од граѓаните?

СТАВРИЌ: Целата заслуга можеме да ја фокусираме на студентите, бидејќи тие запалија светилка во оваа наша темница и покажаа, инспирираа и мотивираа многу луѓе да се освестат, да станат и да ѝ се спротивстават на неправдата и бедата во која живеат. Благодарение на нив, граѓаните сега се борат за подобра денешница и за подобро утре. Секоја чест за студентите. Тука ќе ја искористам можноста да апелирам притворените студенти веднаш да бидат ослободени. Оние храбри студенти, чесни луѓе, кои на кукавички начин беа уапсени по темните улички ден по протестот, тотално неосновано седат таму. Ниту направиле нешто, ниту го прекршиле законот за да го трпат ова. Треба веднаш да се ослободат.

ФОКУС: Сметате дека тоа е одмазда на ВМРО-ДПМНЕ за нивните активности и протести?

СТАВРИЌ: Не би го обвинил целото ВМРО-ДПМНЕ, туку само раководството. Исто, тука е и вториот ешалон, кој ја спроведува оваа нехумана политика, како и нивните јатаци од третиот ешалон, кои по цена на нивното лично и професионално достоинство спроведуваат политики кои се против нивната професија, против моралот и против правото.

ФОКУС: Дали сте политички определен?

СТАВРИЌ: Не сум политички определен, но секогаш како интелектуалец ѝ припаѓам на левата опција, која по дефиниција е социјална, солидарна и хумана опција. Ова што го искусивме во последните девет години е далеку од сите тие вредности. И како таков, не можам да бидам никогаш десно определен, посебно не во оваа форма на десничарство, која ја живееме денес.

ФОКУС: Ќе си замине ли Никола Груевски во скоро време?

СТАВРИЌ: Се надевам, како и многумина граѓани.

Рамка:

ПРОЕКТОТ ПЛАЌАЊЕ ПО УЧИНОК Е ЗА УЦЕНУВАЊЕ И ЗА КАЗНУВАЊЕ НА ЛЕКАРИТЕ

ФОКУС: Пред две години штрајкувавте, барајќи да се укине проектот плаќање по успешност. Речиси сите лекари беа на нозе, бидејќи тој проект им нанесе повеќе штета, отколку корист. Што беше главната причина за тоа?

СТАВРИЌ: Со проектот плаќање по учинок се гледа само колку сработил лекарот дневно, но не се гледа како сработил и колку квалитетно тоа го сработил. Тој модел служи за контрола, уценување и казнување на лекарите. Тој модел беше и една од спорните точки за лекарскиот штрајк, бидејќи тој наместо да го цени квалитетот на здравствената услуга, го мери квантитетот на пружениот број здравствени услуги. Токму тоа произведе многу лекарски грешки, оперативни компликации и оштетени пациенти.

Рамка:

НИКОГАШ НЕ СУМ ГО ГЛАСАЛ ГРУЕВСКИ

ФОКУС: Сте гласале ли некогаш за Груевски?

СТАВРИЌ:  Никогаш. Не сум го гласал и нема да го гласам. Не сум бил заблуден. И пред да ја направи таа штета на државата и по сите нас, знаев со кој човек си имаме работа.

Поврзани новости